Предавање и вовед во: Шиноби Таисо®

Posted on Categories Почетна

10122011152117taiso766.jpgНа 17 декември (2011), со почеток во 17.30 часот, шидоши Игор Довезенски ќе го одржи првото предавање, а воедно и вовед во системот „Шиноби Таисо“.

Што е Шиноби Таисо?

Шиноби е назив за високо обучена личност во времето на феудална Јапонија која што била специзализирана за разни неконвенционални начини на војување.
Таисо е генерички назив за кондиционирање на телото составен од зборовите: Таи (тело) и Со (зацврстување).
Под кондиционирање на телото се подразбира: зголемување на здравствената и работната способност, зголемување на телесната
извежбаност и издржливост за поднесување на извесни напори.

Шиноби Таисо е систем создаден од водачот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, со цел да ја подобри сопствената кондиција потребна за секојдневните тренинзи за класичните јапонски боречки вештини. Системот се состои од разни вежби за растегнување, како и вежби за зајакнување и зголемување на мускулната издржливост.  

Самиот систем претставува збир на традиционални начини на тренинг за растегнување и зајакнување на телото користени во класичните боречки школи. Во различни рју-ха, начините се познати под имињата: Џунан Таисо, Џунан Ундо, Рју Таи Ундо, Ки Ундо и Аики Таисо.
Искуството на Довезенски собрано за време на 23-годишниот тренинг на корју буџутсу, заедно со истражувањето на најновите научни сознанија од полето на кондицискиот тренинг, како и изучувањето на човечката анатомија и биомеханиката (наука што ги проучува механичките појави и процеси во живите организми), допринесе за создавање на Шиноби Таисо®.

Која беше потребата за создавање на системот?

За време на долгогодишното водење на доџо-то, инструкторот Довезенски забележал дека некои вежби за загревање на телото воопшто не одговарат и не допринесуваат за зголемување на кондицијата кај одреден тип на вежбачи. За таа цел, тој почнува да истражува и да соработува со лица кое се занимаваат со слична проблематика, почнувајќи од кондициони тренери, па се до физиотерапевти. Така, тој ја увидува потребата дека секоја градба на телото е уникатна и дека има потреба од различен пристап при кондиционирањето.

Првобитно развиен за себе и за своите ученици, Игор Довезенски се одлучи овој систем да го понуди на сите кои се заинтересирани да ја зголемат својата физичка кондиција.

Темата на предавањето во сабота ќе биде: Болките во долниот дел на ’рбетот и вежби за нивно отстранување.