Одржан „Живот во Дивината V“

Posted on Categories Почетна

Петото поглавје од оваа приказна не однесе на планина повисока од 1000 метри. Всушност, како место за одржување на овој настан беше избран врвот Перен (1326 нв) на планината Козјак.

На претходните четири настани, инструкторот Довезенски ги подучуваше своите ученици како можат подолг период да преживеат во група доколку се засолнат на планина пониска од 1000 метри, како и на организирано живеење покрај река, во шума и во предел каде што владеат пустински услови.

„Живот во Дивината V“, имаше задача да ги научи членовите на Буџинкан Македонија како да преживеат на високите планини кои во Македонија се распоредени на целата нејзина територија.

Семинарот се раководеше според сценарио на природна катастрофа или друга несреќа која бара повлекување на некое непристапно место и организирање живот на подолго време за одредена група на луѓе. Со совладувањето на новите вештини, членовите на доџо-то ќе бидат способни да го згрижат своето семејство и да му обезбедат основни услови за живеење во дивина во случај на опасност.

Ви пренесуваме многу краток дел од импресиите на учесниците кои беа споделени на нашиот интерен Форум.

„Пешачењето кон врвот Перен траеше околу час ипол, при што ми покажа дека се уште сум слаб кондициски и дека морам да го поправам тоа понатаму. Во еден момент кога застанав, бидејќи почуствував нагон за повраќање поради напорот, кохаи Сања ми рече ‘Ајде не зезај, ова е ништо во споредба со Патот на Шугенџа каде што пешачиме и по 12 часа’. Овие зборови ме кренаа и едноставно не сакав повеќе да застанам. Кога стигнавме, Сенсеи ни одржа едно подолго предавање, а потоа започнавме со изградба на засолништето. На крајот, сето тоа беше перфектно направено и премногу удобно. Покрај сите работи кои ги научивме, вкусивме и јајца од мравјалници, што на мое изненадување имаа некаков чуден и благ вкус“. –  Филип Трајановски

„За време на семинарот, едноставно се чувствуваше убавината на тоа што природата може да го понуди. Суровост, страв, предизвик, адреналин. Тоа е една бескрајност која никој и никогаш не ја открил до крај. Сите ние се раѓаме и заминуваме, а природата останува со сите нејзини мистерии и неоткриени нешта. Тоа што можеме да си го дозволиме, е колку-толку (по можност што повеќе) да се насладуваме од нејзината убавина, да чепнеме во тој огромен свет, да научиме како да се вклопиме во природата, како да ја почитуваме и да и се воодушевуваме. Таквите знаења, ќе ни се најдат многу во животот. Добро е што доџото постојано држи отворени врати за секој кој сака да загази или да се надгради и на ова поле, затоа што комплетноста на вистинскиот Воин е комбинација од вештините научени внатре во доџото и надвор во природата“. – Борис Аговски

Шестото издание на „Живот во Дивината“ ќе се одржи покрај некое од македонските езера.