Инструкторот Игор Довезенски на уште едно тринеделно усовршување во Јапонија

Posted on Categories Почетна

Основачот на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“ и главниот инструктор на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, вчера се врати во Македонија откако три недели помина во усовршување на Буџутсу и Нинџутсу во Земјата на Изгрејсонцето.

За време на престојот во Јапонија, Довезенски секојдневно вежбаше по осум саати, посетувајќи при тоа многу доџо-а и учејќи од најдобрите инструктори за школите кои ги претставува во Македонија.

Првата недела беше посветена за учење и усовршување на школата Даито рју Аикиџуџутсу, при што Довезенски посети неколку доџо-а споредувајќи го при тоа и тестирајќи го своето знаење стекнато на тренинзите со учителот Антонино Черта.

Потоа следуваа тренинзите во градот Нода, каде што се наоѓа Хомбу Доџо-то на организацијата Буџинкан. Тука, единствениот македонски кобудо инструктор, секојдневно посетуваше по неколку тренинг-сесии, учејќи од последниот жив нинџа – соке Масааки Хатсуми, како и од неговите најдобри шихани. Тетсуџи Ишизука, Тоширо Нагато, Јукио Ногучи, Исаму Шираиши, КенИчи Сомеја, се само неколку од имињата од кои Игор Довезенски го зголемуваше своето знаење за време на престојот во Јапонија. Тој исто така, беше поканет и присуствуваше на вториот по ред собир БујуКаи, при што на соке Масааки Хатсуми му подари традиционални македонски ракотворби.

На еден од тренинзите, шиханот Јукио Ногучи на водачот на Буџинкан Македонија му додели 10 дан, со што единственото признато македонско доџо сега има учител со највисок ранг. Истовремено, соке Масааки Хатсуми на Довезенски му даде Буго односно боречко име – Грмогласниот Тигар. При тоа, на Какеџику (висечки свиток) му напиша „Ехото на грмогласниот тигар одекнува низ планините“.

Последната недела од патешествието во Јапонија, Игор Довезенски ја посвети на тренинзите на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, како и посета на доџо-а во кои се вежбаат Кобудо школи кои инструкторот не ги претставува, меѓутоа има интерес за нивната историја и техника.

Тренинзите за Катори Шинто рју беа предводени од шиханот Кјосо Шигетоши, кој до најситни детали ги објасни движењата во катите во оваа најстара Кобудо школа.
Сепак, најголемото изненадување за Довезенски беше приемот кај Јасусада Иизаса, 20-тиот Соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. За да изненадувањето биде поголемо, приемот беше во Хомбу Доџо-то на оваа школа, при што Довезенски имаше можност да разговара и да поставува прашања на Соке. Ако се знае, дека на прсти се бројат не-јапонците кои пиеле чај и разговарале со г-динот Јасусада Иизаса во неговото Хомбу Доџо, може да се замисли колкава чест му била укажана на инструкторот Довезенски.

На крајот, ја пренесуваме благодарноста на водачот на „Пат кон Сонцето“ до своите ученици како и до своите три деца, кои секогаш му се мотивација да постигне и да достигне повеќе.
Благодарност и до семпаи Кентаро Релник за несебичната помош кон Довезенски за време на неговиот престој во далечната Јапонија.