Летен Нинџа Камп - одбројувањето започна !!!

Posted on Categories Почетна

b45b9c0b-38de-4b17-b293-9bb635cab768.jpgНинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија, како еден од најактивните
клубови за борбени вештини на Балканот, прв во регионот на југоисточна
Европа изгради нинџутсу тренинг центар во природа од камп тип и тоа на
свое приватно земјиште.

Првично, кампот е предвиден како место на кое ќе се врши обука на
членовите на Буџинкан Македонија за време на месецот август
(единствениот месец кога школите на Сојузот не работат). Тренингот во
кампот ќе се разликува од оној во доџо-ата, бидејќи во него, ќе може да
се вежбаат таиџутсу техники (со тело) и буки ваза (со оружје) кои
вообичајно е невозможно да се вежбаат во затворен простор (лак и стрела
на пример).

Истовремено, кампот ќе служи и како тренинг центар за обука,
дополнителна обука или кондициски подготовки на лица кои се занимаваат
со боречки спортови, а на кои, нинџутсу тренингот може да им допринесе
постигнување на подобри резултати. Вратите на кампот се отворени и за
тие што сакаат да ги намалат вишокот на килограми или да ја  зголемат
својата мускулна маса, на природен начин преку вежбање и здрава
исхрана. Центарот ќе служи и за рекреација и релаксација на умот и
телото преку различни видови на медитација и вежби.

На летниот нинџа камп, што ќе се одржи од 04 до 12.08.2009, можат да
учествуваат и лица кои не се членови на Буџинкан Македонија, но сакаат
одблизу да се запознат со нас и со нашата вештина. За таквите учесници
тренинзите не се обврзувачки и тие самите си ги организираат своите
активности (или во соработка со нас), односно уживаат во благодетите на
чистиот воздух, органската храна и речните плажи, исто како кога се на
летување.

Најпосле, нашиот тренинг центар е место што изобилува со услови за
самоусовршување преку разновидни физички и ментални вежби на забавен
начин.  

Постепено се предвидува Летниот Нинџа Камп, да прерасне во Хомбу
(стожер) доџо на Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија, со изградба на
зграда која ќе ги има сите погодности и карактеристики на едно
вистинско јапонско доџо. 

За неколку дена ќе исфрлиме нова веб локација наменета само за Летниот Нинџа Камп.