Одржан „Летниот Нинџа Камп IX“

Posted on Categories Почетна

По девети пат шидоши Игор Довезенски успешно го организираше и го одржа најголемиот и најпознатиот годишен настан познат под името „Летен Нинџа Камп“. И повторно, како и секоја година, тоа се случи со помош на членовите на Буџинкан Македонија кои со години несебично ја даваат својата подршка и доверба на водачот на „Пат кон Сонцето“.
Поврзаноста, лојалноста, семејниот дух меѓу Воините од доџото целосно се отсликува токму за време на летниот камп.

Оваа година за време на настанот се изучуваа јапонските вештини Такаги Јошин рју Џутаиџутсу и Тогакуре рју Нинџа Бикенџутсу. Покрај нив, како и секогаш се обработуваа и други теми, а се со цел да се пренесе колку што е можно повеќе знаење од ризниците на учителот – на учениците.

Навистина не постојат зборови што можат да ја опишат атмосферата која владее за време на летниот нинџа камп, така што секој обид би бил неуспешен.

Тоа што со сигурност можеме да го кажеме е дека настанот полека, но сигурно, станува ЛЕГЕНДАРЕН и дека идните генерации со денови ќе можат да раскажуваат додека ги гледат снимките и фотографиите од самиот камп.

Како и секоја година, така и оваа, на последниот ден од настанот шидоши Игор Довезенски ја обзнани темата за следната година, а за 2018-та таа е: Даито рју Аикиџуџутсу и Кукишинден рју Нагината.

Доколку досега не сте го почуствувале воинскиот дух во себе односно никогаш не сте учествувале на некои од нашите летни кампови, во Вашиот календар маркирајте го датумот од 4-12 август и бидете дел од овој величенствен момент.