ШИНЗЕН РЕИ-ДУХОВНА МОЛИТВА
Се изведува пред и на крајот на тренингот. Учениците застануваат во
една линија свртени кон камизата, со тоа што најстариот по ранг,
застанува прв од десната страна на учителот. На наредба на учителот
„сеиза“, сите ја заземаат положбата „сеиза но камае“. Тогаш, најстариот
ученик вели „сенсеи ни реи“ (поздравете го учителот), по што, сите
ученици го поздравуваат од седечки поклон (со двете раце на земја, но
прво левата, па десната). Учителот го возвраќа поздравот со поклон.
Потоа, учителот се врти кон „камизата“ (боречкиот олтар) и ги склопува
рацете во положба „гашо“, додека учениците го следат, и ја изговара
молитвата „шикин харамитсу даи комјо“
(молам за заштита и просветлување на тренингот). Учениците ја
повторуваат молитвата во еден глас, а потоа, сите плеснуваат со рацете
два пати, по што се поклонуваат. По ова, сите се исправаат, повторно
плеснуваат уште еднаш и пак се поклонуваат, по што, повторно се
исправаат со рацете во гашо. (Со молитвата и плескањето се бара од
божјите сили храброст и сила, а истовремено се бркаат лошите сили од
местото на тренингот). Во минатото, оваа молитва била тајна која
учителот ја пренесувал на избраниот наследник на вештината (соке).
Потоа, сите ги спуштаат рацете на колена, а учителот се врти кон
учениците и поклонувајќи се вели „онегаи шимас“ (ве молам за
тренинг/асистенција), по што, учениците повторуваат поклонувајќи се.
Може и најстариот ученик да го замоли учителот за тренинг, по што сите
заедно повторуваат „онегаи шимас“. Потоа, сите стануваат, прво со
десната, па со левата нога и тренингот започнува.
Целата процедура се повторува и на крајот на тренингот, само што
наместо „онегаи шимас“, учителот вели „домо аригато гозаимашта“
(најсрдечно ви се заблагодарувам за наученото/за тренингот). Потоа
учителот може да каже „ојасуми насаи“ (имајте добра вечер), со што
тренингот и формално е завршен.
Пред духовната молитва учителот може да побара и медитација-„мокусоо“,
која може да почне со командата „хаџиме“ (почни), а прекинува со „јаме“
(стој).
Во „за реи„ се поклонуваме и по покажаната техника.
сенсеи И.Д.