Успешно заврши традиционалниот шугендо семинар

Posted on Categories Home

3bf844bb-e664-431d-8837-23c11cbb1bf0.jpgМакедонија е преубава! По кој знае кој пат со ваква мисла, завршивме
уште еден семинар во природа, овојпат посветен на шугендо и планинските
воини Јамабуши.
Во текот на еден ден, успеавме да го заобиколиме целиот планински масив
Липац (Манговица), а при тоа, да ги посетиме сите свети места, цркви и
манастири попатно.
Утрото започна со премин преку ладната Крива Река, а потоа со силен
марш до подврвот на Липац од неговата западна страна. Од тука, преку
доста тежок пат, движејќи се меѓу бодликави грмушки, се пробивме до
јужните падини, каде што наеднаш се појави убава дабова шума. Одејќи
кон исток, како да се сменија неколку годишни времиња, но ниту дождот
не успеа да ни ја намали потребата и желбата да дознаеме „што се наоѓа
позади следниот рид“.
Енергијата ја надополнувавме со техники на дишење, кажување молитви, но
и со вкусните диви шумски плодови. На некои места ползевме, на некои се
искачувавме по вертикални површини, а некаде скокавме од карпа на
карпа.
На источната страна брзо стигнавме до преубавиот Бељаковски Манастир.
Неговата благодатна енергија веднаш ги обнови нашите испразнети ќелии,
а ладната вода од чешмите на „Света Петка“ и на „Света Недела“ ја
изгаси нашата жед.
После речиси девет часа пешачење, натоварени со тешки ранци (ранецот на
сенсеи е 30 кг.) и полна „борбена опрема“, тргнавме за Скопје,
исполнети со чуства од преубавиот ден.