Одржан Иаиџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Вчерашниот викенд беше посветен на вежбање како брзо да се извлече мечот од корицата и да се исече истовремено или со еден збор – Иаиџутсу.

Преубавото време, ноќите со полна месечина како и сигналите на природата дека есента се ближи, сето тоа допринесе за една посебна атмосфера за време на семинарот посветен на јапонскиот меч.

Се вежбаа Иаи и Батто техники  од неколку школи чиј претставник за Македонија е учителот Игор Довезенски, а учесниците покажаа огромен интерес и со уживање ги впиваа лекциите од инструкторот.

Со доаѓањето на есента, се ближи и денот кога годишната сезона на семинари во Хомбу ќе се затвори, а остануваат уште најмалку два настани во стожерното доџо кои треба да стават печат на сезоната.

Тим Билдинг во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Првата Јапонска зен градина во Македонија заедно со проектот „Нинџа Село“ се’ повеќе го будат интересот кај Македонците за посета на ова преубаво и уникатно место.

По едногодишна соработка односно давање часови за Јапонска Јога (Шиноби Таисо) на успешната македонска компанија ТГГ – МК, тие одлучија да ни ја доверат довербата да организираме тим билдинг во рамките на нашето Хомбу Доџо и придружните објекти.

Па така, минатиот викенд, вработените на ТГГ – МК имаа можност да уживаат во разните активности и во неверојатната природа на Хомбу и околината, како и во разните специјалитети приготвени од органски продукти набавени и специјално произведени во нашата градина.

На општо задоволство, на крајот беше договорено соработката да продолжи и понатаму, со уште еден тим бидлинг на пролет и секако со нови дружби и авантури.

БуЈуКаи Србија III

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина, во малиот, но преубав Нови Бечеј во Србија, се одржа третиот по ред БуЈуКаи Србија.

Овој меѓународен семинар е еден од најголемите што се одржуваат во регионот, а на него присуствуваат повеќе од осумдесет учесници од неколку земји во Југоисточна Европа.

Секоја година, се зголемува и бројот на инструктори, па така во 2023 година се придружија и учителите од Турција и Германија.

Учителот Игор Довезенски за оваа година одлучи да ја предава школата Шинкен Гата Тора но Маки, со што кај учесниците предизвика бура од аплаузи и емоции, а многумина му приоѓаа со огромен интерес за техниките од оваа вештина. Полека, но сигурно, Довезенски станува познат во Буџинкан како инструктор кој е специјализиран за школите наследени од Такаматсу односно за самите форми (кати) кои ги изведува со огромна прецизност и сигурност.

Следниот меѓународен семинар на кој Довезенски ќе предава е тој во Истанбул – Република Турција, што ќе се одржи во октомври.

Хоџутсу во градината на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Еден ден по семинарот со Лак и Стрела, се одржа семинарот за гаѓање со самурајска пушка – Хоџутсу.

За време на настанот, учителот Довезенски ги подучуваше своите ученици на техниките на гаѓање со Танегашима, при што како модел се користеше воздушна пушка.

Сите учесници на семинарот покажаа одлични резултати, што е јасен показател дека со редовен тренинг, техниката брзо се совладува и напредува.

ЈумиЈа (Лак и Стрела) семинар

Posted on Categories Почетна

На 16ти септември (сабота), во местото викано Вртача во близина на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија, се одржа еднодневен семинар за Лак и Стрела (ЈумиЈа).

Како и секоја година, покрај гаѓањето со јапонски Ханкју, учесниците имаа можност да пробат и техники со други типови азиски лакови, со цел подобро да ја разберат суштината на самата вештина.

Семинарите со лак и стрела секогаш предизвикуваат голем интерес кај членовите на Буџинкан Македонија, па така учесниците на крајот изјавија дека со нетрпение го очекуваат следниот ЈумиЈа семинар.

Рекорден број учесници на јубилејниот 15-ти Летен Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

Легендарниот Летен Нинџа Камп на Буџинкан Македонија во своето петснаесето издание успеа да го сруши рекордот и да привлече 25 учесници. Темата на овој легендарен настан за 2023-та година беше Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу и Кукишин рју Џоџутсу.

Како и секоја година, содржините на настанот беа пребогати, атмосферата неопислива, а спомените ќе тлеат до крајот на животот во срцата на учесниците.

Следната година ќе биде комплетно Тогакуре рју доживување, бидејќи темите се поврзани со оваа древна нинџа школа, а интересот е толку голем што многу потенцијални учесници уште сега се интересираат за почетокот на запишувањето на листата.

Одржан детскиот Летен Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

Во периодот од 27 јули до 2 август, во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија се одржа најдобриот детски летен камп во државава и пошироко.

Настанот кој најпрвин беше организиран специјално за најмалите членови на Буџинкан Македонија, полека почна да прима и дечиња кои не се членови на Доџото, а оваа година имавме и учесници од странство поточно од Чешката Република, кои уживаа во овој неверојатен хепенинг.

Детскиот Летен Нинџа Камп полека но сигурно претендира да стане еден од најзабавните и најавантуристички кампови за деца во светот, а доказ за тоа е што уште сега ни пристигнуваат првите пријави за следната година.

Нихон но Канкаку

Posted on Categories Почетна

После секое патување во Земјата на Изгрејсонцето, по враќањето дома во Македонија, учителот Игор Довезенски го организира традиционалниот семинар Нихон но Канкаку (Чувствата од Јапонија), при што пренесува дел од знаењето насобрано преку тренинзите со јапонските учители.

Неделава што измина, помина токму во знакот на овој семинар, при што учесниците имаа можност да извежбат голем број разновидни техники научени за време на последното патување.

Покрај одличната амтсфера, видлива беше и желбата за жесток тренинг кај учениците на Буџинкан Македонија.

До крајот на летото, останува уште најважниот настан во текот на годината – Летниот Нинџа Камп.

Учителот Довезенски повторно во Јапонија

Posted on Categories Почетна

По неколкугодишна пауза предизвикана поради ковид-пандемијата и забраните за патување, учителот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, заедно со својот син Петар, ги посетија јапонските учители и вежбаа во стожерот на Буџинкан во градот Нода.

Работната посета беше реализирана во периодот од 11 до 27 јуни, а освен многубројните тренинзи во Хомбу Доџото, беа остварени и многу важни средби и разговори со новите наследници на школите кои се изучуваат во Буџинкан.

За време на посетата, Игор и Петар Довезенски го освежија и надополнија своето знаење вежбајќи со учителите Тоширо Нагато, Јукио Ногучи, Хироши Нагасе, Исаму Шираиши, Тетсуџи Ишизука, Ватару Тезука и други. Речиси на сите тренинзи во Хомбу Доџото, Игор Довезенски имаше улога на Уке (личност што ја прима техниката односно што помага на учителот да ја покаже и предаде).

Малкуто слободно време што го имаа, Довезенски го искористија за посета на храмовите поврзани со создавањето на некои класични боречки вештини, како и на посета и чистење на гробовите на основачите на Теншин Шоден Катори Шинто рју и Оно ха Итто рју.

Одржан четвртиот меѓународен БуЈуКаи

Posted on Categories Почетна

Четвртиот по ред меѓународен БуЈуКаи семинар, според договорениот редослед, овој пат се одржа во Македонија. На настанот учествуваа 42ца нинџутсу практичари од Турција и од земјата домаќин.

Како и секогаш, интересот за БуЈуКаи е навистина преголем, меѓутоа поради подобра организација, бројката на учесници беше ограничена, а истата беше пополнета уште неколку недели пред одржувањето.
Темата на овогодинешниот семинар беше Хенка Ваза односно адаптирање на постоечките техники во варијанти кои се моментално прилагодливи во одреден момент на напад од страна на противникот.

Домаќините на БуЈуКаи IV од Буџинкан Македонија се потрудија целосно да им го организираат времето на гостите од Република Турција, така што беа посетени многу туристички и археолошки локалитети во Републиката, за што подобро да се презентираат убавините на древната Македонија.

На крајот, ги пренесуваме зборовите на еден од учесниците на настанот:

„Буџинкан Македонија испишува историја што сите ќе ја паметат. Имам чувство дека БуЈуКаи претставува еден вид натпревар, меѓутоа не во знаење од областа на боречките вештини, туку во гостопримливоста и во претставувањето на сопствената култура и традиција. Имавме прекрасен викенд. Тренингот беше неверојатен и со моќно темпо, а Доџото наликуваше на бојно поле. Посетивме прекрасни места, а бевме и во магичната Куклица. Имавме и неколку непредвидени незгоди, меѓутоа јас тоа го сфатив како тест од страна на боречките божества со цел за да ја тестираат нашата упорност. Создадовме големо боречко пријателство со Буџинкан Турција и оваа врска долго ќе трае“ – Таки Гаковски