Поминаа 15 години откако инструкторот Игор Довезенски за прв пат одржа семинар на тема ЈумиЈа Џутсу, а интересот за ова древно орудие се уште расте и привлекува нови заинтересирани членови на Буџинкан Македонија.
Се разбира, редовни посетители се и ветераните кои одлучиле на некој начин да се специјализираат во користењето на примитивните „нинџа лак и стрела“.
Идејата и желбата на шидоши Довезенски е да ги оспособи своите ученици да можат во рок од половина час да изработат примитивни лакови и стрели кои ќе им помогнат полесно да преживеат односно да се снајдат доколку се најдат во негостољубива средина.
За таа цел, тој внимателно ги подучува како да го одберат вистинското парче дрво, од кое ќе изработат солидни оружја кои ќе им ги зголемат шансите за опстанок во моментот кога животот ќе им биде загрозен.
Семинарот кој што се одржа во неделата започна со кратко предавање за историјата на лакот и стрелата, по што, откако им беше покажано како, членовите на доџото имаа задача самите да изработат лак со кој подоцна ќе можат да вежбаат.
Откако подготовките завршија, беше поставена мета, на која учениците имаа можност да вежбаат гаѓање од четири различни положби на телото, при тоа водејќи се од различни сценарија.
Како што тренингот изминуваше, воините на Буџинкан Македонија постигнуваа се подобри резултати, а евидентен беше напредокот кај тие кои редовно го посетуваат овој традиционален настан.
Задоволни од наученото, на крајот беше договорено семинарот и натаму да продолжи да се одржува во истиот термин како и секоја година односно последниот викенд во април.