Земјата и водата наоколу беа замрзнати поради ниската температура, но сончевата светлина даваше посебна магија за време на вчерашниот семинар, на кој членовите на Буџинкан Македонија по петти пат ги вежбаа техниките за преживување во природа во зимски услови.
Како и секоја година, беше повторувано тоа што досега е научено, бидејќи тоа е единствениот начин да се зачува знаењето, но истовремено беа презентирани и вежбани нови техники, со чие познавање максимално се зголемуваат шансите за преживување во зимски услови кога природата делува многу сурово.
За учениците, посебно беше интересен начинот на изработка на засолништето, познато под името „сандак“, но големо внимание предизвикаа и начините на ориентација, како и новите начини на палење оган и приготвување на храна.
По завршувањето на еднодневната обука, дел од учесниците ги споделија следните впечатоци:
Марко Опачиќ – „Секогаш кога имаме семинар во природа, претходната вечер „окапувам“ до доцна во ноќтта поради возбуда, поради желба и мисла: како ќе биде утре, што ќе има ново, како ќе се снајдам во зададените ситуации, дали ќе биде убаво времето итн. И овој пат беше така. Најпрвин дека ми е јубилејно – петто по ред ’зимско преживување’, а потоа и затоа што знаев дека ќе учиме како да изградиме нов тип на засолниште.
Поради искуството од претходните години, можев да претпоставам како ќе изгледа тоа, но мојата замисла не беше ни од далеку толку добра колку што изгледаше таканаречениот ’сандак’. Многу интересен и вешт начин на градење, на пополнување на страничните делови, како и на покривање на кровот. Интересно е што секоја година се повторуваат работите од минатото, но и што секој пат се учи нешто ново. Оваа година дознавме за разликите на преживувањето во листопадни и зимзелени шуми, потоа за останатите начини за палење оган, за подготвувањето на храната, за заштитата од премрзнување на екстремитетите, за ориентацијата во просторот, опасностите од дехидратација, како и начините на одржување на оганот во текот на целата ноќ.
Сето ова беше испреплетено со насмевките на луѓето кои учествуваа, како и сонцето кое ѕиркаше преку крошните на големите дрвја“.
Михаил Дракалски – „Вчера ми беше четврти зимски нинџа тренинг и можам да кажам дека иако секоја година се учи по нешто ново, оваа имаше многу разлики како во типот на засолништето, така и во техниките на палење оган, во подготвувањето на храната, во ориентацијата и така натаму. Ова ми е еден од омилените семинари и мислам дека секој би требало да земе учество барем еднаш и да се увери во тоа. Голема благодарност до сенсеи, како и до останатите учесници кои постојано ми помагаа во извршувањето на задачите“.
Сања Симонова – „Вчерашниот тренинг помина во одлична работна атмосфера, а секоја минутка беше максимално искористена и исполнета со многу љубов и посветеност кон задачите кои ги добивавме. Научив многу нови работи, а истовремено стекнав чувство на сигурност во она што веќе сме го учеле на некои претходни семинари во природа. Кој бара – ќе најде. Ако бараш со верба и со љубов во срцето, тоа по што си тргнал – истовремено тргнало кон тебе. Па дури и кога баравме суви гранки, мокри лисја, лијани или стебла. Ова беше одличен семинар, се гледаме на следниот во февруари посветен на харагеи. И за крај едно прашање: што е подобро од еднодневен семинар во природа? Епа – дводневен семинар во природа“!