Далеку од градската врева, на температура под нулата и во услови на снег, вчера се одржа зимскиот нинџа тренинг „Начини на преживување во природа“.
Во текот на осумте часа колку што траеше семинарот, инструкторот на Буџинкан Македонија несебично го споделуваше своето знаење со учесниците на настанот.
Семинарот започна со подучување на техниките на изградба на засолниште со помош на материјалите кои природата ги обезбедува и без било какво орудие или врзивен материјал.
Потоа се вежбаа техниките за палење оган во зимски услови и пренесување на истиот од една до друга локација.
По ова следеше предавање за психологијата при преживувањето и пружањето на прва помош на лица кои западнале во хипотермија или кои премрзнале.
Не изостанаа ниту техниките за острење на нож, изработка на оружје, користење на различни чворови со јаже, подготвување на стапици, но и лекциите за начините за обезбедување на храна и вода.
Од целата предвидена програма за овој семинар, инструкторот не успеа да ги сподели техниките за повик за спас, бидејќи поради многубројните прашања од учениците, времето брзо „летна“ и ноќта почна да се спушта над шумата Млака.
Шидоши Довезенски соопшти дека следната година ќе има тестирање на досегашните учесници на кое тие ќе треба да го покажат наученото знаење за техниките на зимско преживување.