За некои доџо-а, 23-ца учесници на меѓународен семинар значи голем успех, но за Школото за борбени вештини Пат кон Сонцето, тоа е нормална бројка на еден редовен локален семинар во природа.
Редовен и локален-да, но никако и обичен. Всушност, на сите наши семинари може да се види вољата и желбата на нашите луѓе за постојано напредување и подлабоко навлегување во светот на класичните јапонски борбени вештини.
Дводневниот семинар, насловен како „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“, уште еднаш ја покажа и докажа нашата голема посветеност.
Во саботата, со огромни ранци на грбот, најпрвин се искачивме на врвот на планината Липац, каде што го направивме првиот тренинг.
Потоа, се спуштивме малку подолу во манастирот Свети Ѓорѓи, каде што продолживме со тренинзите.
На крајот од тренингот, инструкторот Игор Довезенски одговараше на многубројните прашања поставени од учениците, а во врска со школата Оно ха Итто рју.
Ноќта ја „зачинивме“ со убаво гравче, сите собрани околу големата трпеза, а спиењето под ѕвездите на Липац не потсети колку многу работи пропуштаме живеејќи во градовите и одалечувајќи се од природата.
Неделата ја започнавме со утрински тренинг во 06.00 часот, а потоа ја продолживме со средување на околината на манастирот и чистење на неговите конаци.
Следуваше доручек, за веднаш да се продолжи со вториот тренинг. За тоа време, во две стари котлиња, се вареше свежо набран чај од мајчина душичка и камилица, што ни овозможи брзо освежување и закрепнување за време на кратката пауза.
Откако се заврши со вториот тренинг, учесниците на семинарот се одморија на чардакот од манастирските конаци и тоа всушност беше единствениот поголем одмор за време на семинарот.
Потоа следеше последниот тренинг, кој всушност ја покажа борбената подготвеност на нашите ученици.
Имено, последната вежба подразбираше одбрана од постојани напади со меч кои доаѓаа ненадејно и брзо од страна на неколку противници, со што, ученикот кој требаше да се брани беше ставен под голем притисок и стрес.
На крајот, откако повторно го подсредивме дворот на преубавиот манастир, се упативме кон местото предвидено за враќање кон Скопје. Во градот пристигнавме во околу 22.00 часот, преморени, но пресреќни поради одличиот семинар во текот на викендот.