Учество на семинарот со мајсторот Кацем Зоугхари во Нови Сад

Posted on Categories Почетна

f363d8f5-27a2-459c-bede-ec50ab2a6b1c.jpgОсновачот
и главниот инструктор на Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија, Игор
Довезенски, учествуваше на меѓународниот нунџутсу семинар што се одржа
викендов во Нови Сад, Република Србија.

Семинарот
беше организиран од страна на нашите пријатели Срѓан Станковиќ и Срѓан
Црногорац, а на него учествуваа речиси 100 луѓе, со што слободно можеме
да кажеме дека ова е еден од поголемите нинџутсу семинари одржани
досега на балканските простори. Имаше учесници од сите српски нинџутсу
клубови, но и од Чешка, Австрија, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна
Гора, Романија и Македонија.

Инаку,
семинарот беше предводен од страна на францускиот мајстор Кацем
Зоугхари, доктор по јапонска историја и култура, чија специјалност се
старите јапонски боречки вештини (корју). Тој веќе 19 години е личен
ученик на шиханот Тетсуџи Ишизука и соке Масааки Хатсуми.

Подучувањето
на Кацем изнудуваше воздишки кај приситните во текот на двата дена.
Техниките ги изведуваше беспрекорно, а неговата работа со катана беше
зачудувачки брза и ефикасна. За време на демонстрациите, мајсторот го
објаснуваше значењето на техниките, како и нивната историја. Се вежбаа
техники од школата Гјокко Рју Кошиџутсу. Прво секоја техника беше
изведена со голи раце (таиџутсу), а потоа и со ханбо (стап) и катана
(меч).

Во
саботата навечер, имаше организирано дружење во едно кафуле на
Петроварадинската тврдина, каде што беа поканети сите црни појаси кои
учествуваа на семинарот. До доцните часови, мајсторот Кацем љубезно
одговараше на поставуваните прашања во врска со историјата на нинџутсу
и на деветте школи на Буџинкан.

Во
една од сесиите, инструкторот Игор Довезенски вежбаше со романскиот
мајстор и пријател, Кристијан Лајбер, додека на останатите тренинзи
вежбаше со стариот пријател на Буџинкан Македонија-шиханот Филип Бартош
од Чешка. Беше убаво чуството да се видат и сите други пријатели на
едно место. 

Едноставно, семинарот може да се опише како незаборавен тренинг и дружење и одлична организација на домаќините.
Повеќе информации на паркетот во нашето доџо 🙂