Семинар за Кенџутсу во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Еден ден по семинарот за Нагината, во неделата, во дворот на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија се одржа и семинар посветен на изучувањето на Кенџутсу – традиционална јапонска вештина на борба со меч.

Под водство на учителот Игор Довезенски, учесниците имаа можност да ги вежбаат техниките на брзо извлекување на мечот, како и да работат на основните принципи на движење и борба. Како и секогаш, неговото долгогодишно искуство и начинот на кој ги пренесува знаењата овозможија сите учесници да бидат исполнети со нови сознанија и практични детали што ја збогатуваат личната обука на секој ученик.

Покрај интензивниот тренинг, не изостана ниту дружењето кое е препознатлив дел од ваквите семинари. Во паузите, под сенките на столетните ореви во дворот на Хомбу Доџото, учесниците заеднички уживаа во кафе, какао и разговори, разменувајќи искуства и впечатоци од тренингот во пријатна и опуштена атмосфера.

Уште еден успешен семинар кој потврди дека вистинското Будо не се гради само преку техниката, туку и преку заедништвото, почитта и искреното другарство кое се создава на секое заедничко вежбање.

НагинатаЏутсу во дворот на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во саботата, во дворот на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија се одржа редовниот семинар посветен на изучувањето на вештината со Нагината – традиционално јапонско оружје кое со векови било составен дел од самурајската боречка традиција.

За време на семинарот беа обработени положбите на телото, основните принципи на движење, правилното користење на дистанцата, како и неколку кати и нивната практична примена. Преку повеќечасовниот тренинг, учениците имаа можност дополнително да го продлабочат своето разбирање на техниките и специфичностите на ова оружје.

Во паузите и слободното време учесниците уживаа во убавините на јапонската зен градина што се наоѓа во дворот на Хомбу Доџото. Пријатната атмосфера беше дополнета со дружење и друштвени игри на дрвената платформа, сместена во сенките на дрвјата, каде што продолжија разговорите и размената на впечатоци од тренингот.

Семинарот уште еднаш потврди дека покрај стекнувањето нови знаења и вештини, ваквите собири претставуваат можност за зацврстување на пријателствата и негување на вредностите што ги носи традиционалното јапонско Будо.

Се одржа 62-рото полагање за ученички степени

Posted on Categories Почетна

Вечерва се одржа 62-рото полагање за ученички степени во Доџото за традиционални јапонски нинџа и самурајски боречки вештини – Буџинкан Македонија.

Веќе 31 година создаваме многу повеќе од вештина – создаваме луѓе. Воспитуваме генерации, градиме карактер, поттикнуваме самодоверба и нудиме поддршка, пријателство и чувство на припадност за деца и возрасни.

Зад секое полагање стојат години посветеност, труд, истрајност и заедништво. Зад секој ученик стои една приказна за растење.

Буџинкан Македонија – повеќе од боречка вештина. Повеќе од љубов.
Буџинкан Македонија – моја утеха, моја приказна, мој дом.

Тоами (Нинџа мрежа) семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Овој викенд во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија во Довезенце се одржа семинар посветен на изучување и продлабочување на принципите и техниките на Тоами.

За време на настанот, беа обработени клучни елементи на движењето, контролата на дистанцата, тајмингот и поврзувањето на техниките низ природен тек на движење. Учесниците имаа можност да ги истражат техниките на фрлање на мрежата, како и аспектите на формата и да работат на подобрување на чувството за рамнотежа и адаптација во различни ситуации.

Во паузите и слободното време уживавме во убавините на јапонската зен градина, каде што покрај кафе и пријатен разговор продолжи размената на искуства и впечатоци од тренингот во опуштена атмосфера.

Благодарност до сите учесници за нивниот придонес и енергија.

Одржан специјален мастерклас во Верона - Италија

Posted on Categories Почетна

Учителот на Буџинкан Македонија одржа специјален мастер-клас по кенџутсу, шиноби таисо, медитација, како и за нинџа-психологија и филозофија, наменет за членовите на организацијата Келеутос од италијанскиот град Верона.

За време на предавањето, Довезенски посвети особено внимание на неколку значајни принципи, меѓу кои Фудошин („неподвижно срце“) и Мушин („празен ум“).

Сите учеснички изразија големо задоволство од настанот и веднаш го поканија учителот Довезенски повторно да ги посети по летниот период, со цел да им пренесе уште дел од своето богато искуство и знаење.

Одржан десеттиот по ред БуЈуКаи

Posted on Categories Почетна

Изминатиот викенд, во Македонија се одржа јубилејниот десетти по ред БуЈуКаи семинар, традиционален настан кој од година во година обединува сè поголем број љубители на традиционалните јапонски боречки вештини.

Иако првично беше најавено дека како и секогаш семинарот ќе го предводат долгогодишните пријатели и соработници Игор Довезенски и Ерџан Шарбат од Турција, поради оправдани причини Ерџан во последен момент беше спречен да допатува во Македонија.

Честа и одговорноста да го води семинарот овојпат целосно му припаднаа на учителот Игор Довезенски, кој за темата на десеттиот БуЈуКаи ги избра Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу и Иаиџутсу. Во текот на повеќечасовните тренинзи беа обработени принципите, катите и практичната примена на техниките од оваа древна школа, со посебен акцент на природното движење на телото, правилното користење на дистанцата и разбирањето на боречките концепти кои ја прават Шинден Фудо рју толку посебна меѓу класичните јапонски традиции.

Особено нè радува фактот што годинашниот БуЈуКаи постави нов рекорд по посетеност. На семинарот учествуваа вкупно 40 вежбачи, што претставува најголем број учесници во историјата на овој настан. Големиот интерес уште еднаш покажа дека идејата за БуЈуКаи како место за дружење, размена на знаења и заедничко усовршување продолжува успешно да живее и да се развива.

Како и секоја година, покрај тренинзите, значителен дел од времето беше посветен и на запознавање со културното и историското богатство на Македонија. Учесниците повторно го посетија Кратово, еден од најстарите и најживописни градови во нашата држава, каде имаа можност да ги разгледаат неговите препознатливи кули, мостови и стара архитектура.

Посебен впечаток остави и прошетката низ селото Довезенце, каде гостите се запознаа со повеќе историски и културни знаменитости од овој крај. Во пријатна атмосфера исполнета со дружење, разговори и споделување искуства, учесниците можеа подобро да ја почувствуваат традицијата и гостопримството по кои е препознатлива Македонија.

Десеттиот БуЈуКаи уште еднаш покажа дека вистинските вредности на боречките вештини не се ограничени само на тренинг-салата. Пријателството, заемната почит, желбата за учење и заедничките спомени остануваат најголемото богатство што секој учесник го носи со себе по завршувањето на семинарот.

Се гледаме повторно на следниот БуЈуКаи – во Истанбул.

Едно Доџо – Една Љубов. Нинпо Икан!

Одржан семинарот за Оно - големата самурајска секира

Posted on Categories Почетна

Придружени од пријатен пролетен дожд, вчера во дворот на Хомбу Доџото на организацијата „Пат кон Сонцето“, членовите на Буџинкан Македонија го одржаа редовниот семинар за Оно – големата самурајска секира.

На настанот учествуваа неколку членови на доџото, кои уживаа во техниките на оваа вештина, која е дел од школата Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу.

Веќе следната недела ќе се одржи десеттиот по ред меѓународен нинџутсу-семинар „БуЈуКаи“, за кој досега се пријавени 43 учесници, односно тројца повеќе од предвидениот максимум.

ХоЏутсу во јапонската градина во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Само еден ден по враќањето од Франција, каде што одржа серија предавања во два Аикидо клуба од Малцевил и Бленвил, учителот Игор Довезенски одржа ХоЏутсу семинар во јапонската градина во Хомбу за своите македонски ученици.

На настанот се вежбаа техники на гаѓање од осум различни положби, а учесниците за многу кратко време ги совладаа и покажаа одлични резултати.

Следниот семинар според редовната програма на Буџинкан Македонија е за Отсучи и за Оно.

Учителот Игор Довезенски одржа семинари во Франција

Posted on Categories Почетна

Во периодот од 26 април до 2 мај, учителот Игор Довезенски одржа серија семинари во регионот Лорејн (Гранд Ест) во Франција.

Предавањата беа од областа на школите Буџинкан нинџутсу, Даито-рју аикиџуџутсу, како и кенџутсу од Теншин Шоден Катори Шинто-рју.

Семинарите се одржаа во аикидо-клубовите во Малцевил (предградие на Нанси), како и во Бленвил, кој се наоѓа триесетина километри јужно од Нанси. Двете доџоа се дел од Француската аикидо федерација и преку неа од Аикикаи фондацијата од Јапонија.

Учесниците на настанот беа толку воодушевени од инструкторот Довезенски што го испратија со овации и аплауз, а веќе за следната година го поканија повторно да го сподели своето знаење со нив.

Од страна на македонскиот учител, поканите беа прифатени со особено задоволство, пред сè поради укажаната чест, но и поради изразите на воодушевување кои постојано се слушаа за време на подучувањето.

Со заедничка желба и ентузијазам, домаќините и Довезенски се разделија со пораката: „Се гледаме следната година.“

Нов Сандан и нов Генин во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Веднаш по одржувањето на семинарот за Лак и Стрела. во саботата се одржа и полагање за Сандан (3 дан), при што семпаи Таки Гаковски успешно го совлада тешкиот тест за овој степен.

За време на полагањето, кандидатот требаше да демонстрира по три кати од сите нивоа на школата Кото рју Коппоџутсу, а потоа да има рандори (слободна борба) со тројца напаѓачи, при што едниот е вооружен со нож.

Пред самото полагање, на кохаи Марко Петрушевски му беше доделена бронзена медаља “Генин’ за десет години редовно вежбање и членување во Буџинкан Македонија. Им честитаме и на двајцата!