Одржана „Работилницата за Самоодбрана за Жени® VIII“

Posted on Categories Почетна

И осмата Работилницата за Самоодбрана за Жени ги исполни очекувањата на учесничките, а тоа особено можеше да се забележи по нивните реакции откако настанот беше прогласен за завршен.

Информациите по медиумите дека во последно време во нашата држава зачестиле нападите врз мајките со деца, привлече неколку припаднички на понежниот пол кои на овој традицонален семинар дојдоа придружени од своите чеда. Сето ова допринесе атмосферата за време на тренингот да биде уште попријатна, особено што дамите сега имаа уште посилна мотивација ефикасно да ги совладат техниките за самоодбрана.

За време на првиот ден, инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, предаваше техники за одбрана од најразлични фатови за телото (коса, ревер, врат итн.), а потоа и ситуации во кои жртвата би била соборена на земја.

Веќе следниот ден, „нападите“ добија нова димензија односно борбените сценарија кои учесничките ги вежбаа содржеа во себе ситуации на „приковување за ѕид“ од напред или од позади и ослободување од ваквата положба. Секако, сето ова беше проследено со многу детали и совети кои Довезенски постојано ги нагласуваше со верба дека уште долго време ќе останат врежани во меморијата на припадничките на поубавиот пол.

Со желба следната година настанот да биде уште помасовен и со преубави спомени од оваа, осма по ред традиционална Работилницата за Самоодбрана за Жени, учесничките на семинарот заминаа побогати за едно ново искуство зад себе.