Успешно заврши „Патот на Шугенџа“

Posted on Categories Почетна

7efcd400-01a7-4f45-9e0f-93692419e075.jpgЧленовите на Нинџутсу сојузот „Буџинкан Македонија“ од Хомбу Доџото повторно направија подвиг достоен за почит.
Имено, по 10 часа постојано пешачење по нерамен, стрмен, на места
исполнет со вода, а на места посипан со трња терен, изодевме 40
километри. При тоа, секој си ја носеше својата опрема во ранец
натоварен на грб. Долгиот пат траеше вкупно десет ипол часа, меѓутоа,
беа дозволени два кратки одмора од по 5 минути, и еден одмор за ручек
(сендвичи) во траење од 20 минути.
Патот од планините Липац до Козјак, во должина од 30 километри, беше
продолжен за дополнителни 10 километри, на општо задоволство на сите
учесници.
Духовното патување почна од вливот на потокот Жувуша во Крива Река, а
заврши на местото наречено Гумно педесетина метри над Карпинскиот
Манастир, сместен на првите изданоци на планината Козјак. Поминавме низ
атарите на селата Довезенце, Стрезовце, Облавце и Сув Ора, а се
вративме преку селата Сув Ора, Руѓинце и Бељаковце. На нашиот пат
сретнавме камени крстови, неколку кладенци, карпи со интересни
геоморфолошки облици, стари напуштени камени куќи изградени во
македонски стил карактеристичен за овој крај, и секако, неколку стари
цркви и манастири (за жал, нагризани од забот на времето).
Покрај научените работи од областа на географијата, медицината,
филозофијата и природата воопшто, станавме побогати за уште неколку
искуства, уште подобро го запознавме нашето тело, нашите физички и
ментални граници ги подигнавме за едно ниво повисоко, а нашето
другарство уште повеќе се зацврсти.
Честитки за сите учесници на семинарот „Патот на Шугенџа“.