Одржан „Патот на Шугенџа X“

Posted on Categories Почетна

Десетото јубилејно духовно патување познато под името „Патот на Шугенџа“ напиша уште една страница од историјата на Буџинкан Македонија. Овој пат актери беа осумина Воини на доџото кои за 10 саати успеава да изодат маршрута долга 42 километри. Ова издание понуди најкратка и најлесна рута до сега, со што овозможи сите учесници успешно да го завршат семинарот.

Прочитајте ги импресиите на членовите кои се одважија и се пријавија на јубилејниот настан.

„Да им честитам на семпаи Филип Трајановски, Ирина Милошеска и Кристина Костиќ кои за прв пат учествуваа на овој семинар и успешно го завршија. Особено и честитам на Кристина бидејќи таа само што почна да се запознава со вештините и со Воините на Буџинкан Македонија, а сепак го издржи ова искушение.
Што да се каже за овој легендарен семинар, а да не се започне со воодушевување од изборот на Сенсеи Игор Довезенски за маршрутите по кои се прочистуваме, осознаваме и уживаме во нашата прекрасна Македонија. Десет саати без прекин да пешачиш по ридови, низ села, по непристапни предели и преубави низини, толку богати и плодни, едноставно ти се полни душата од таа убавина“. – Владимир Антовски, семпаи

„Поради работните обврски, ноќта пред саминарот имав можност да спијам само четири саати.  Пред поаѓањето од Хомбу, забележав дека Сенсеи поткривнува со ногата, по што тој ни појасни дека претходниот ден нагазил на рѓосана шајка. По примените тетанус вакцини, докторот му кажал дека треба да одмара, но тој најверојатно не знае за силата, духот и храброста на Сенсеи.
Како и секоја година, додека пешачиме низ ридовите и планините, меѓусебно уште подобро се запознаваме, делиме прекрасни моменти и насмевки, но истовремено ги дознаваме и сопствените граници и слабости. Сакам да споделам и една случки која ми помогнаа уште повеќе да стекнам верба во другарството, во слогата и во животот воопшто. На едно ридче, на угорнината, Кики подзастана и изусти дека нема да може да го искачи. Но тогаш Таки се подврати и и подаде рака. Тогаш се виде, по не знам кој пат, дека искрено подадената раката мотивира и спречува неуспех. Се сетив дека на времето и мене ми доаѓаше да се откажам на ваквите стрмини“. – Михаил Дракалски, семпаи

„- Сенсеи, за Шугендо треба само 1,5 л. вода да носиме со себе?
– Не Ирина, тоа е за ‘Преживување во Природа’. Понеси што сакаш, се додека можеш да носиш. Ќе пешачиме низ планински предели без застанување и ќе посетуваме интересни места кои ја раскажуваат својата единствена приказна. Овој пат ќе биде најкратко.
Можеби затоа што така ми кажа, воопшто не ни размислував дали ќе биде тешко, дали ќе го завршам, каков подвиг ќе направам и што ли ќе раскажувам. Само бев среќна што Сенсеи има доверба и што ми дозволи да го следам. Чекоревме лесно како весела дружина која излегла на прошетка на убав сончев ден, отфрлајќи го секој слој од непотребни мисли, грижи за сегашноста, планови и страв од иднината. Магијата спонтано следеше. Секој камен, секоја контролна точка, крст на патот, пренесуваа историска приказна. И порака. И така до следното село, до следниот извор.

Од самовилските води  во селото Зубовце, па се до црквата Св. Тројца во Скачковце. Во што и да верувате, ништо не е посилно од убавината на зајдисонцето, грандиозноста на планината и понизноста на првата ѕвезда. А токму нејзиниот сјај те прави свесен за минливоста. Чувствуваш само благодарност до твоите соборци со кои го споделуваш необичното искуство. Поезија на духот. И чувство на чистота, после ова мое прво Шугендо. Благодарам Сенсеи“ – Ирина Милошеска