Македонија е преубава! По кој знае кој пат со ваква мисла, завршивме
уште еден семинар во природа, овојпат посветен на шугендо и планинските
воини Јамабуши.
Во текот на еден ден, успеавме да го заобиколиме целиот планински масив
Липац (Манговица), а при тоа, да ги посетиме сите свети места, цркви и
манастири попатно.
Утрото започна со премин преку ладната Крива Река, а потоа со силен
марш до подврвот на Липац од неговата западна страна. Од тука, преку
доста тежок пат, движејќи се меѓу бодликави грмушки, се пробивме до
јужните падини, каде што наеднаш се појави убава дабова шума. Одејќи
кон исток, како да се сменија неколку годишни времиња, но ниту дождот
не успеа да ни ја намали потребата и желбата да дознаеме „што се наоѓа
позади следниот рид“.
Енергијата ја надополнувавме со техники на дишење, кажување молитви, но
и со вкусните диви шумски плодови. На некои места ползевме, на некои се
искачувавме по вертикални површини, а некаде скокавме од карпа на
карпа.
На источната страна брзо стигнавме до преубавиот Бељаковски Манастир.
Неговата благодатна енергија веднаш ги обнови нашите испразнети ќелии,
а ладната вода од чешмите на „Света Петка“ и на „Света Недела“ ја
изгаси нашата жед.
После речиси девет часа пешачење, натоварени со тешки ранци (ранецот на
сенсеи е 30 кг.) и полна „борбена опрема“, тргнавме за Скопје,
исполнети со чуства од преубавиот ден.
Month: September 2008
Семинар во природа – Патот на Шугенџа…повторно!
На
28 септември, 2008 година, Буџинкан Македонија традиционално го
организира духовното патување во природа наречено Патот на Шугенџа.
Оваа година, си поставивме за цел да направиме обиколка на планината
Липац (Манговица), движејќи се по нејзината средна надморска височина,
при што ќе поминеме низ 10 села. Вкупната километража што ќе ја
изминеме на Патот на Шугенџа е непозната, бидејќи ќе се движиме во
најголем дел по непознат предел, што секако, допринесува за поголемо
уживање во пејсажите, но и поголема будност и претпазливост. Ќе ги
посетиме попатните цркви и манастири, како и останатите свети места,
каде преку медитација и молитва ќе ја надополниме загубената енергија.
Како помошни средства ќе користиме единствено стари топографски карти и
компас.
Шугендо
е древен јапонски метод кој ги истражува релациите помеѓу човекот и
природата. Во буквален превод, Шугендо значи „Пат на вежбање и
тестирање“, односно тоа е аскетска дисциплина која има за цел да
постигне самоусовршување преку повлекување во планина, медитација под
водопади и ладни реки, вежби за дишење на недостапни терени, се до
постигнување на неверојатни подвизи преку тестирање на телесната и
менталната издржливост. Тие кои го практикуваат овој метод, познати се
под името Шугенџа, а учењето се практикува во Јапонија се до денешни
дни.
За
основач на учењето се смета Ен но Гјоџа, кој живеел во близина на Кјото
во 7 век од нашата ера. Другото име, по кое овие следбеници биле
познати, е Јамабуши или Планински Воини. Тие крстосувале по планинските
сртови на јапонските острови посетувајќи и заштитувајќи ги
многубројните храмови.
Токму овие луѓе, здружени со пребегнатите кинески генерали по падот на
диснастијата Танг, се сметат за основоположници на вештината Нинџутсу.
Тема: Патот на Шугенџа / Духовно патување
Ден: 28 септември, 2008 (недела)
Место: Обиколка на Липац (Манговица)
Програма: 07.00 часот – поаѓање од Скопје
08.00 часот – пристигнување и почеток на маршот
??.?? – враќање назад
Цена: 1.000 денари (во цената е вклучено: семинарска такса и превоз)
Опрема: Земете се што имате, колку потешко-толку подобро (и побезбедно).
п.с. Не е исклучена средба со диви животни, дожд и невреме и останатите непредвидени работи.
* Минатата година испешачивме околу 40 км. (види на претходните страници)
Октомври-месец на старокинески оружја во Буџинкан Македонија
Тема на саботните тренинзи во месецот октомври ќе биде користењето на старокинеското оружје нунчаки.
Како што веќе знаете, нунчаките се дојдени во Јапонија релативно доцна,
и тоа преку островот Окинава, каде што, преземени од Кина, биле
користени од страна на кобудо мајсторите.
Спротивно на ефтините нинџа филмови, нунчаките никогаш не биле дел од
арсеналот на шиноби воините односно не се изучувале во ниту една корју
школа, бидеќи, како што веќе споменавме, во Јапонија пристигнале
релативно доцна (при крајот на 19 век).
Сепак, бидејќи станува збор за многу популарно оружје, особено во
нашата држава, мораме да бидеме спремни да се соочиме со противник
вооружен со нунчаки, а тоа најдобро ќе го сториме ако добро сме
запознаени со орудието.
Затоа, октомври го прогласуваме за месец на старокинески оружја односно за месец на нунчаки.