Во месноста Пударница на планината Липац, во тешки временски услови,
успешно се одржа семинарот Јуми Ја Џутсу (вештина на користење лак и
стрела). На семинарот учество земаа четворица ученици од почетничката
група на Школото за борбени вештини Пат кон Сонцето.
Семинарот започна со подготовка на материјалот за изработка на лак и
стрела, кој многу лесно може да се најде во нашата природна средина.
Потоа, започна искачувањето до местото предвидено за вежбање-Пударница,
кое се наоѓа на околу 750 м.н.в., а при тоа, сите учесници беа
оптоварени со соодветна борбена опрема. Температурата беше 34 степени,
а патот беше обраснат со густи грмушки и трња, но сепак, тоа не ги
поколеба нашите упорни вежбачи.
По пристигнувањето во Пударница, се започна со теоретскиот дел односно
со предавање за историјата, начинот на изработка, филозофијата како и
за стратегијата и техниките потребни при користењето на лакот и
стрелата.
Потоа учениците беа запознаени со начинот на изработка на лак и стрела,
што повторно се покажа како најтежок дел од обуката. По ова, учесниците
вежбаа гаѓање од четири основни ставови (јуми ја камае), при што
покажаа задоволителни резултати.
Семинарот заврши со свечен селски ручек под сенка на стари ореови дрвја.
На крајот, беше договорено да се одржи уште еден семинар на оваа тема, со оглед на сложеноста на оваа вештина.