Во 2018-та година ненамерно поставивме неверојатен рекорд откако одржавме 45 семинари, а за да биде појасно за каков подвиг станува збор, ќе потсетиме дека во годината има 52 викенди. Годинава што измина (2019-та) таа бројка се намали на 41 семинар и покрај нашата намера повеќе да се сосредоточиме на меѓународни семинари, како и на јавна промоција на доџото.
Сепак, нашата љубов и посветеност кон традиционалните јапонски боречки вештини си го направија своето, па така и во 2019-та година продолжуваме да го носиме епитетот „најдинамично доџо во Европа“.
Еве како целиот тој подвиг изгледа во бројки.
Преку „Буџинкан Македонија“ учителот Игор Довезенски организирал и предавал на вкупно 28 семинари за Нинџутсу односно за школите кои Хатсуми Сенсеи ги наследил од Тошитсугу Такаматсу Сенсеи. Од нив, 12 биле во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“, девет во скопското доџо, пет во природа, како и на два меѓународни настани надвор од Македонија.
Тука ќе ги споменеме семинарите одржани во Швајцарија и во Турција, на кои Довезенски беше поканет да пренесе дел од своето знаење во нинџутсу школите, но и организацијата на меѓународниот семинар во нашата земја, на кој водачот на „Пат кон Сонцето“ предаваше заедно со својот пријател од Германија – Пино Дуранте.
Задолжително треба да се споменат јубилејниот десети по ред „Начини на зимско преживување“, шестиот по ред „Живот во Дивината“, потоа третиот „10.000 години ПНЕ“, како и единаесетиот по ред „Патот на Шугенџа“. И секако, да не го испуштиме легендарниот „Летен Нинџа Камп“ кој што оваа година се одржа по единаесети пат, како и третиот по ред „Детски Летен Нинџа Камп“.
Што се однесува до „Даито рју Македонија – Корју Доџо“, бројките изгледаат вака: шест интензивни семинари во Хомбу Доџо-то, пет во скопското доџо, еден во природа, како и еден меѓународен во Швајцарија, каде што учителот Игор Довезенски беше поканет да предава Даито рју Аикиџуџутсу во доџото Кашивакан во градот Бил.
Покрај сите овие настани, вредат да се споменат медиумските презентации и интервјуа за националните телевизии, радија и портали, како и неколкуте јавни демонстрации во Скопје и Гостивар. Тука се и двете хуманитарни работилници кои „Буџинкан Македонија“ ги организираше за децата со аутизам и пречки во развојот, а важно е да се спомене и ангажманот на водачот на Буџинкан Македонија како технички консултант во филмот „Кариран Нинџа“ кој се прикажуваше низ кината во Македонија.
Во 2019-та година конечно добивме уште двајца мајстори во Буџинкан Македонија односно Владимир Антовски и Михаил Дракалски положија за шодан (мајсторско звање – прв дан), додека Марко Опачиќ положи за сандан (3 дан) со што стана првиот ученик на Довезенски кој го достигнал ова звање.
Како и секогаш, упатуваме најголема благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено на постарите членови на Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу).
Во годинава што следи (2020-та) имаме големи планови и најави за многу настани кои допрва треба да се случат, а ние ветуваме дека повторно ќе дадеме се од себе за да го задржиме високиот стандард кој го поставивме не само во регионов, туку и во светски рамки. Сигурни сме дека и понатаму во најдобро светло ќе ја претставуваме нашата татковина – Република Македонија каде и да се појавиме.
„Пат кон Сонцето“—>Еден живот – едно Доџо.
„Буџинкан Македонија“—> Мој живот – моја приказна.
„Даито рју Македонија“—>Митот на јапонските самураи.
„Катори Шинто рју Македонија“—> Легенда која допрва ќе се дознае.
Буфу Иккан!!!