Веднаш по пристигнувањето на местото, почна да врне силен дожд, кој за кратко време се претвори во снег. Па така, освен со студенилото, воините на Буџинкан Македонија требаше да се борат и со мократа облека која се лепеше за телото.
Од основањето на Доџо-то во 1995 година, ние сме водечки авторитети во Македонија во областа на преживување во природа. Кога организиравме семинари посветени на оваа проблематика, се уште немаше документарни шоу-а на National Geographic или на YouTube. Јавноста речиси и да не знаеше дека меѓу нив живеат луѓе кои се специјализират за совладување на техниките за преживување во природа.
На крајот, да споменеме и дека за време на вчерашниот настан, нашиот член Владимир Антовски беше тестиран за првото ниво на „зимско преживување“, меѓутоа за влакно не успеа во својата намера (недостасуваше само еден бод). Веднаш по враќањето во Скопје, тој го напиша следното:
„Денеска се одржа јубилејниот, 10-ти по ред семинар за ’Начини на Зимско Преживување’. Морам да кажам дека ова беше едно од моите врвни искуства, а сигурно и едно од најубавите што ми се случиле во Буџинкан Македонија. Не дека останатите зимски семинари не ми биле прекрасни, меѓутоа се додека не останете сами во суровата природа, која денес беше во својот пик, незнаете што всушност претставува овој настан.
Ова го кажувам од моето лично искуство и би сакал сите кои не го доживеале ова – да не го пропуштат. Кога Сенсеи ми кажа дека ќе бидам тестиран, длабоко во себе знаев дека ќе морам да дадам се од себе, а најмногу за да не го разочарам. Дента пред семинарот си ги повторував сите работи кои претходно ги имав научено и кои се важни за преживување во зимски услови и ментално се подготвив за секаков предизвик. Немав ниту трошка сомнеж или двоумење во себе. Кога стигнавме на местото каде соборците се разделија со мене и кога Сенсеи ми покажа каде треба да се упатам, ме обзема едно неверојатно чувство на радост, како мало дете. Се почувствував среќен што ќе можам да ја искусам природата во целата нејзина суштина – без маски, без преправање, без лаги, безрезервно. Сите тие саати минати борејќи се со нејзината суровост, со мократа облека, со премрзнатите нозе, со раните по рацете од трњата, со студениот ветер – ќе се заборават. Меѓутоа засекогаш ќе останат емоциите и спомените на овој прекрасен ден“.