Годината што остана зад нас
можеме да ја оцениме како доста успешна. Според насоките на соке Масааки
Хатсуми, 2010-та беше посветена на Роккон Шоџо. Со цел да се обидеме да
дознаеме повеќе за тоа, организиравме два меѓународни семинари. Првиот беше под
водство на еден од најдобрите светски мајстори, Свенерик Богсатер, а вториот го
водеше нашиот одличен пријател, Штефен Фролих, шихан од највисок ранг во
Германија.
Интерна тема на нашето доџо за
оваа година беше школата Кото рју Коппоџутсу. Дванаесет месеци ги вежбавме
техниките, но и катите од сите нивоа на оваа моќна вештина. Слободно можеме да
кажеме дека нашите ученици уживаа во неа.
Во 2010-та година, инструкторот
на Буџинкан Македонија одржа седум семинари во природа на различни теми. Меѓу
нив се издвојуваат „Преживување“ и „Патот на Шугенџа“ кои се веќе заштитен знак
на нашето доџо. За прв пат беше одржан дводневен семинар во природа посветен на
школата Оно ха Итто рју Кенџутсу, а со наслов „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“.
Поради одличниот одзив и преубавото искуство, беше договорено овој семинар да
се одржува традиционално секоја година во мај.
Изминатава година инструкторот
Довезенски одржа и неколку дводневни семинари во сала. Беше поканет да подучува
во Кавадарци и во Градско. Како и секогаш, интересот беше голем, салата
преполна, а дружењето прекрасно. На семинарот во Кавадарци учествуваа над 50
учесници кои имаа можност да се запознат со основите на Гјокко рју и Кото рју.
Во Градско отворивме наша
секција која брои десет ученици. Ќе ја следиме нивната работа и несебично ќе им
помагаме. Ги очекува тешка работа додека да го постигнат стандардот на Буџинкан
Македонија. Години натопени со многу крв и пот за да прераснат во вистинско
доџо. Но нема друг начин, освен напорен тренинг. Со чесност и лојалност до
целта.
Посетивме и неколку меѓународни
семинари како од Буџинкан, така и од други боречки вештини, се со цел подобро
да ги разбереме школите кои ги вежбаме во нашето доџо. Тука особено треба да се
истакне подолгиот престој на инструкторот Довезенски во Хомбу доџо-то на
Европската организација за Даито рју Аикибудо во Италија, каде макотрпно
вежбаше како учи деши на единствениот нејапонски шихан за Даито рју
Аикиџуџутсу, учителот Антонино Черта.
Во моментов нашето доџо брои 40
редовни ученици. Ова е истата бројка како и минатата година. Немавме ниту една сериозна
кампања за упис на нови членови, но најголем дел од старите ученици остануваат
посветени и лојални на Буџинкан Македонија. Тоа се вистински ученици, кои
храбро чекорат по Патот и трпеливо вежбаат со една цел – да се самоусовршат на
секое поле во животот. Нив не ги интересира политиката во Буџинкан, ниту пак
брзото напредување. Тие веруваат во правилото на нашето доџо: со најмалку пет
години крвав тренинг без пропуштени часови до црн појас. И сите се среќни
поради тоа.
Оваа година отворивме уште едно
доџо за две јапонски традиционални самурајски вештини: Даито рју Аикиџуџутсу и
Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден). Со тоа, ние сме единствено доџо за овие
две школи на територијата на цела Југоисточна Европа. Таа привилегија за нас
претставува огромна обврска да ја оправдаме довербата дадена од страна на
нашиот учител Антонино Черта. Плановите на ова поле се огромни, но за тоа
повеќе во 2011 година.
Што се однесува до јавниот
интерес за нашата работа, ние и понатаму ги одбиваме повеќето покани за
гостување во медиумите (а ги има многу). Тоа го правиме бидејќи сметаме дека
традиционалните боречки вештини се наменети за одбрани луѓе кои треба самите да
не пронајдат. Од многубројните молби за интервјуа во весниците и телевизиите,
прифативме само три. Така, Буџинкан Македонија се појави во месечникот „Лајф
Магазин“, каде што на два пати со фотографии покажавме неколку практични начини
за самоодбрана на жени. Потоа се појавивме во неделникот „Теа Модерна“, како и
во телевизиската емисија „Во Тренд“ на националната Канал 5.
По повод 15 години од отворањето
на нашето доџо, во јули организиравме голема забава на која присуствуваа
сегашни и минати ученици. Како добро си поминавме. Неверојатно.
Во август го одржавме нашиот
Летен Нинџа Камп. Имавме 18 учесници кои девет дена деноноќно дишеа и впиваа знаења
од корју буџутсу.
Како и секоја година, така и оваа одржавме неколку хуманитарни акции.
Од останатите поинтересни работи ги издвојуваме приватните часови на
инструкторот Довезенски со двајца натпреварувачи во Мешаните боречки вештини
(ММА / УФЦ), како и пуштањето на новата веб-страница посветена на вештините во
Даито рју Аикибудо (http://daito.koryu.mk).
Како најголемо достигнување
можеме да го истакнеме купувањето на земјиште во долината под планината Липац.
Со ова, „Пат кон Сонцето“ има свој личен простор каде што можеме да ги
одржуваме нашите тренинзи во природа кога и да посакаме. Нашата желба е на тоа
место да изградиме прекрасно доџо кое што ќе работи во текот на викендите преку
целата година.
На крајот, неколку статистички
податоци за нашата веб-страница. Од 1 јануари 2010, па заклучно со денес, нашата веб-страница ја посетиле над
14.000 души, од
вкупно 84
држави, а оваа година најредовните посетители се од САД, Србија,
Германија и Хрватска
(подредени според бројот на посети, не сметајќи ја Македонија од каде што
секогаш имаме најмногу „удари“). Тоа
воопшто не е некоја голема бројка за фалење, но со оглед на тоа што не се
рекламираме на ниту еден друг начин и не е така лошо.
Во 2011-та година очекуваме уште подобри резултати. Како и секогаш. Гамбате!