Одржан семинарот Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу

Posted on Categories Почетна

10042011215910sfrd1.jpgОва беше еден од
оние семинари кои никогаш нема да се заборават. Одличен тренинг, прекрасно сино
небо, жолто сонце и дисциплина каква што доликува на едно традиционално доџо.

Семинарот се
одржа во месноста Корнишор, на источните падини на планината Липац. Дотаму
стигнавме движејќи се со рамномерен, но стабилен ритам. По краткото запознавање
со темата и планот за работа, инструкторот Игор Довезенски започна со
подучувањето.

Во текот на
целиот ден се проучуваа и вежбаа вкупно 10042011215928sfrd2.jpg21 ката. За почеток се обработија три
кати од првото ниво, познато како Тен но Ката, и тоа: Геккан, Сетсујаку и Мусан.
Потоа за секоја ката инструкторот Довезенски покажа по две хенки (варијанти). Од
второто ниво односно Чи но Ката, беа вежбани: Рикен, Шинкен и Раикен, кои подоцна
исто така беа проучувани и преку неколкуте варијанти. Третото ниво, Шизен
Шигоку но Ката, беше изучувано преку катите: Таи Нагаши, Кобуши Нагаши и
Фубатсу.

За време на кратките паузи, учениците имаа можност да научат нешто повеќе и за начините
на исхрана во природа, за зен медитацијата како и за разликите и сличностите меѓу
обичаите и обредите во македонската и јапонската култура. Не изостанаа ниту предавањата
поврзани со култните места кои на планината Липац ги има речиси на секој чекор,
а со оглед на тоа дека инструкторот Довезенски е етнолог по професија,
учесниците на семинарот уживаа слушајќи го.

10042011215945SFRD3.jpgИако беше предвидено семинарот да заврши околу 17.00, тој беше продолжен
за речиси три часа, така што во Скопје пристигнавме во 21.00 часот. Тоа се должеше поради посетата на преубавиот Бељаковски Манастир на крајот од настанот. Симнувајќи се од планината, учесниците на семинарот изразија жалење поради тоа што треба да се вратат во Скопје и безволно се симнуваа надолу.
Нивната единствена оценка беше дека нема подобар тренинг од оној во природа особено кога станува збор за семинар на планината со мистична убавина-Липац.