Постојат многу причини поради кои ќе се памети единаесетото издание на „Патот на Шугенџа“. Според „скалата за тешкотија“, може да се каже дека после легендарниот марш Скопје-Хомбу и Хомбу-Кокино-Хомбу, ова беше трет на листата кога станува збор за напорот и случувањата по патот.
Инструкторот Игор Довезенски одлучи да ги сподели своите чувства во врска со овој епски семинар.
„Во 07.45 го напуштивме дворот на Хомбу Доџо-то и се упативме кон најдалечната точка од маршот – селото Кокошиње. Патот до Мургаш, а потоа и до врвот на Липац го изминавме рутински, без никаков замор. Ги искачивме и следните два рида на Манговица и се спуштивме во селото Пезово каде што имавме прекрасна средба со срна која излета како стрела од ниската дабова шума. По ова, со брз чекор поминавме и низ селото Кшање, од каде се упативме кон Кокошиње.
Веќе се наоѓавме на целосно непознат терен и движењето се одвиваше исклучиво според чувството за ориентација. Патот меѓу овие две села беше преку огромни ораници, без ниту една сенка, во време кога температурата беше највисока и сонцето најсилно печеше. Кај некои од моите ученици почна да се губи силата, а резервите со вода почнаа да исчезнуваат поради обилното потење предизвикано од напорот и топлината. И токму кога стигнавме во Кокошиње и кога требаше да ги надополниме резервите, дознавме дека единствената селска чешма речиси секнала поради сушата и негрижата на малиот број селани кои останале да живеат во овој суров предел.
Часовникот означи 14.00 часот, а нам ни преостануваше најдолгата и најтешката рута. Требаше да се поминат околу 20 километри до селото Коњух, преку ненаселен планински терен, исцртан со многу карпести долови, покриен со дабова шума и нискостеблести бодликави грмушки кои многу го успоруваат движењето. По десетина изминати километри, почнав да согледувам дека со успореното темпо поради теренот, тешко ќе успееме да стигнеме до патот во селото Коњух пред да не стемни. Му кажав на Саше Гацев дека попатната станица во селото Татомир ќе мора да ја скокнеме, од причина што тоа село се наоѓа на голема надморска височина, која што откако ќе ја искачиме, ќе треба повторно да се вратиме по истиот пат, при што ќе загубиме многу време. Во тие моменти помислив дека ако продолжиме, сепак можеби ќе имаме шанси да стигнеме пред ноќта да не зетекне во дивината. Со спуштивме во долот низ кој на моменти протекуваше мало поточе, кое од време на време се губеше низ песокливата површина. Се движевме брзо, меѓутоа неколкумина од моите ученици веќе почнаа да заостануваат. Колку и да се обидував да ги ’влечам’ со мојот брз чекор, сепак разликата меѓу мене и нив стануваше се поголема. Тука веќе знаев дека тешко ќе успееме да стигнеме до патот во селото Коњух и дека најверојатно ќе не стемни. Сепак, одлучив да дадам се од себе и да се обидам да ги донесам моите луѓе до целта на време.
18.30 часот. Според проценките до крајот на долот имаше уште околу 4 километри. Со темпото со кое ние се движевме по речните камења, ќе изминевме најмногу три до спуштањето на темнината. Тоа значеше дека ќе мора да залогориме на единственото место каде што има вода и каде што дивите животни ќе се спуштат во ноќта за да ја изгаснат својата жед. А веќе во главата почна да ми одзвонува звукот на волчјото виење кое доаѓаше од коријата додека се движевме меѓу селата Кокошиње и Татомир.
Донесов одлука да се искачиме на десната страна од долот, од страната на Шопско Рударе и по сртот на планината да се обидеме да најдеме некаков колски пат кој би можеле да го следиме и за време на ноќта. Тргнавме нагоре по стрмните ридови и по непроодливата шума. Пред нас се појавија козји патеки направени од животни кои се движат по планината. Насекаде гледав измет од диви животни, скелети од тревопасци, трагови на земјата од диви свињи. Гледав и молчев, за да не ги исплашам моите ученици.
Наеднаш едно од патчињата пред нас почна да се шири, а теренот да се расчистува. И тоа токму кога сонцето почна да заоѓа. Видов капка надеж и помислив дека ако имаме среќа, можеби тоа мало патче ќе не однесе до некое поголемо. Почнав да трчам напред и дадов наредба сите да ме следат. Заморот за миг исчезна, а болката во нозете ја снема. Трчав и гласно ги бодрев луѓето зад мене да ме следат. На семпаи Таки и на семпаи Благица им кажав да бидат ’посредници’ меѓу мене и останатите и да се движат на растојание од околу 20 метри меѓу нас. Но и покрај се, далечината меѓу мене и останатите се зголемуваше. Луѓето беа преморени, жедни, истоштени. Ми остана последната тактика за да ги натерам побрзо да ме следат. Да ги налутам. Да им го повредам егото. Да предизвикам инает кај нив. Се свртев и силно викнав:
– Зошто не ги слушате моите наредби, мајмуни едни, како мислите да Ве извадам од оваа дивина?
Тогаш еден од моите верни ученици ја загуби контролата и почна неконтролирано да вика и да се буни. Семпаи Благица остро му возврати да внимава на однесувањето, меѓутоа за мене тоа беше знак дека борбата со времето е загубена и дека ќе мора да преспиеме во оваа непозната, сурова и негостољубива дивина. Не смеев да дозволам да се нарушат односите меѓу моите ученици кои истовремено ги сметам за дел од моето семејство.
Следуваше најтешкиот дел. Да ги убедам дека ноќта ќе ја минеме тука и дека според правилата за преживување, штом падне мрак, мораме задолжително да се залогориме.
Брзо го разгледав теренот и најдов едно тесно долче, добро затскриено и што е најважно целото со суви гранки на дофат. Набрзина направив огниште, а за тоа време учениците собраа од сувите дрва на куп. Местото беше идеално избрано, а најважно од се ми беше да биде безбедно и да не предизвикаме пожар во шумата, бидејќи поради долготрајната суша тревата беше како барут сува. Се распоредија стражите и се собравме близу до огнот. Не заспав речиси ниту еднаш. Ги слушав разговорите меѓу тие што стражареа за да го следам нивниот морал. Им прозборував кога ќе им клапнеа очите, ги будев кога запаѓаа во сон. Внимавав да не се изгаси огнот. Со своето тело ги затоплував тие на кои им беше ладно. Се раздени. Им го повторив тоа што им го кажав претходната ноќ:
– Семинарот се претвори во вистинско преживување. Ние го направивме тоа за кое се обучувавме сите овие години. Преживеавме. Без посебна опрема со нас. Без оружје за заштита. Преживеавме со малкуте работи кои ги имавме при нас.
Сонцето почна да се искачува, а и ние по планината со густа дабова шума. По некое време во далечината се појавија првите куќи во Шопско Рударе…
На крајот уште ќе напоменам дека на овој семинар учество земаа седуммина Воини на Буџинкан Македонија. Во текот на првиот ден изминавме вкупно 52 километри за 12 часа. Кај двајца од учесниците се појавија здраствени проблеми проследени со мали халуцинации поради жедта. Нашето другарство односно нашата блискост повторно се покажа на дело.
За кратко време ќе се заборави болката во мускулите, ќе избледне чувството на неподносливата жед, ќе го снема студот во коските и спомените на борбата со големите песови (шарпланинци).
Засекогаш ќе остане во спомен другарството и пожртвуваноста што ја негуваме едни за други.
Болката е привремена. Славата е вечна. Токму како и почитта кон мајката природа. Нејзината сила секогаш ќе не потсетува колку е моќна, а колку сме ние мали“.