Сеќавањата на Фумио Манака…

Posted on Categories Списание

Забелешка: Фумио
Манака шихан е еден од првите ученици на соке Масааки Хатсуми. Во 1996
година тој ја напушта организацијата на својот учител (Буџинкан) и
оснива своја, наречена Џиненкан. Иако, тој чекор е оценет како нечесен
и неправеден, сепак, мислењето дека Фумио Манака е еден од најдобрите
ученици на Хатсуми останува да важи до денес. Тој е најпознат по
неговите беспрекорни кихон (основни) техники.

Овој
текст е дел од неговите сеќавања за првата средба со својот учител
Хатсуми, објавени во едно американско списание за боречки вештини.

 Први чекори

Иако градот Нода во областа Чиба го нарекува „мој дом“, Фумио Манака е роден во соседната област Ибараки
на 14 декември 1945 година. Неговото семејство се преселило во Нода
кога тој бил доволно возрасен за да започне основно училиште. Тогаш почнал да изучува џудо, на 12-годишна возраст.

“Кога почнував, само сакав да бидам посилен”, се сеќава Манака сенсеи. Тој имал желба да бисе силен, бидејки како дете бил прилично слаб. Се сеќава дека бил носен по доктори практично на секои два дена, се до 10-годишна возраст, бидејќи имал слаб имун систем и како резултат на тоа бил
многу болежлив. Неговите родители биле толку загрижени за неговата
состојба што ретко му дозволувале да излегува од дома. Тој конечно
одлучил дека единствениот начин за да го подобри здравјето бил да се зајакне себеси, па затоа, против вољата на родителите, почнал да тренира пливање и џудо. Другата мотивација за тренирање боречки вештини била слична како и меѓу момчињата на негова возраст,  “Не сакав да изгубам, ако се затекнам во борба”.

За
време на втората година од тренирање џудо тој освоил прво место во
индивидуален натпревар на регионалниот младински турнир  меѓу средните
училишта во северна Чиба. Масааки Хатсуми, сеикотсу практичар (нешто помеѓу остеопат и киропрактичар), исто така од Нода, бил специјален гостин на настанот. Кога младиот Манака отишол да ја прими наградата, бил претставен на човекот кој ќе го смени текот на неговиот живот.

“Директорот на одборот за образование ми го даде сертификатот за наградата и покажа кон Хатсуми сенсеи, кој седеше до него, со коментар дека тој е нинџа ”, се сеќава Манака сенсеи. “Кога го слушнав зборот нинџа, можев само да го поврзам со Сарутоби Сасуке (јапонски нинџа јунак) од стриповите. Тоа толку ми звучеше супер!”

Господинот Хатсуми го поканил младиот Манака да се приклучи на неговите часови. “Хатсуми сенсеи
ми препорача да го пробам тоа”, се сеќава Манака, “и бев убеден дека
тоа ќе ме направи појак отколку што ќе ме направи џудото”.
Тој ја прифатил понудата и следниот ден се појавил во домот на Хатсуми, кој служел и како негова сеикотсу канцеларија.

Тоа што Хатсуми не го знаел во моментот кога ја дал понудата било дека младиот Манака имал само 14 години. Кога го дознал тоа, го советувал момчето да почека барем уште една година. Без никаков страв младиот Манака рекол, “Јас го поминав сиот овој пат за да Ве
видам, зошто не ми покажеш само малку денеска?” И така, тој започнал да
тренира нинџутсу. Тинејџерот бил толку сигурен дека тоа е тоа што го барал, па затоа се откажал од џудото кратко време потоа.
”Јас бев на средината од моите адолесцентни години”, се сеќава Манака сенсеи, ”кога сакав да се бунтувам против се што возрасните ми наредуваа да правам. Како и да е, сенсеи Хатсуми беше толку различен од другите возрасни. Тој не беше строг или најсточив околу било што. Јас сакав да бидам како него. Сакав да имам такво отворено и приемчиво срце”.

“Искреноста и отвореноста на Хатсуми сенсеи беа инспиративни”, се сеќава Манака… „но самото тренирање не претставуваше забава воопшто, затоа што, се што правев, беше учење техники”. Тој се сеќава како првите две и пол години од неговото учење ги поминал вежбајќи само удирање со раце и нозе, паѓање и други нинџа вештини. Тоа било се што му било потребно за да може да тренира заедно со Хатсуми сенсеи и неговите 5 или 6 пријатели, кои тренирале со него во тоа време. “Во почетокот”, кажува Манака сенсеи, “Јас бев само жртвено јагне за нивните експерименти”.

Тој се сеќава како тренирал во соба од куќата на Хатсуми сенсеи која што била не поголема од 6 татами (сламени душеци). “Ќе го тргневме мебелот и неговата маса за прегледи на страна за да направиме простор, така што, имавме малку вреден простор за тренирање. Кога мојот укеми беше сиромашен,
бев фрлан во аглите со маси и други нешта”. Како последица на тоа,
неговата способност да прима техники и тешки падови многу брзо се
подобрила.

Со тек на време пријателите на Хатсуми си заминале еден по еден, оставајќи го младиот Манака како постар ученик. Наскоро му се приклучиле други,  вклучувајќи ги Тсунехиса (сега Шото) Танемура, Тетсуџи Ишизука, Хидео Сено и Коичи Огури. Заедно со Манака сенсеи, овие господа го формирале јадрото околу кое Хатсуми сенсеи го изградил Буџинкан Доџо. Тие петмина биле првите и избраните ученици на Хатсуми на кои им било дозволено засебно да ги проучуваат специфичните рју-ха (стари школи) од кои што денес е направена синкретичната уметност-Буџинкан Будо Таиџутсу.
За време на неговите сениорски години во средното училиште, уште еден клучен настан се случил во животот на Манака сенсеи. “Причината поради која што се пријавив во војска е интересна приказна. Едно момче, кое седеше до мене за време на мојата последна година во средното училиште, ме праша дали сакам да го полагам приемниот испит на Воената академијата. Студирањето таму беше бесплатно, па така решив да се обидам. На крајот јас положив, а момчето кое ми го даде предлогот падна на испитот. Кога дојде време за упис на факултет, најпрвин полагав на другите универзитетите на кои што сакав да одам, меѓутоа, не положив ниту еден испит. Така, решив да се приклучам на Воената академија.”

„Наредникот (во тоа време Американец), беше заинтерерсиран за јапонските боречки вештини“. И покрај тоа што Манака сенсеи му покажал неколку нинџутсу кати, искусниот војник останал неубеден и воздржан. Еден ден Манака му подал краток дрвен меч и му рекол да го нападне како што сака.
“Јас ја употребив стратегијата Дозволи да те повредат малку за да ги
повредиш многу. И додека се скратуваше растојанието меѓу нас, јас ја поставив мојата рака во неговиот простор. Многу брзо, со малку движење, тој тргна да ја пресече.” Манака сенсеи
го игнорирал мечот, ја повлекол назад својата лева рака и го клоцнал
војникот, толку моќно што наредникот бил соборен на земја. “Тоа беше
толку умешно сторено, што дури и јас се изненадив. Тогаш го запрашав, сакаш ли да го направиш тоа повторно?, а тој одговори, нема потреба“. Манака сенсеи почуствувал дека од тогаш, американскиот војник почнал да ги цени јапонските борбени вештини. “Од тој ден,
неговиот став комплетно се смени и тој ми се обраќаше со Господине.
Јас секако продолжив да комуницирам со него како и порано, со
почитување и симпатии“. Двајцата војници станале добри пријатели.
“Уживав учејќи го како да фрла шурикени, а за возврат, од него учев фрлање ножеви на американски начин.”

Манака сенсеи верува дека неговите години на традиционално тренирање, во кое бил воведен од Хатсуми сенсеи, а кое
нема натпреварувачки аспекти и не ја пренагласуваат атлетската
способност, големина или брзина, ја формирале основата на неговото
сегашно движење, начин на мислење и постоење. “Таиџутсу беше
најголемиот фактор во изградбата на мојата личност”, вели Манака сенсеи. “Сега, будото стана дел од ритамот на мојот живот.”

Со тоа што бил прекомандуван на секои 2-3 години, било отежнато редовното тренирање под директно водство на Хатсуми сенсеи.
“Тоа го надоместував правејќи домашни соло тренинзи со веќе научените
работи”, вели Манака. Тој внимателно истражувал и предано работел на
сите техники што ги научил, во најситни детали. Правел склекови на палците и на зглобовите на прстите, со цел да ги оддржува во кондиција дланките и рацете за удирачките техники кои ги учел од Хатсуми сенсеи. Работел и да ги усоврши техниките со оружје, кои ги учел за време на неговите патувања во Нода, што вклучувало се: од јапонски меч, до ханбо (дрвен стап од 90 см.), јари (копје), но и специјализирани оружја како што е кјокетсу шоге (нож со кука закачен за метален прстен со јаже). Тој запишувал многу белешки и претерувал со читање текстови поврзани со нинџутсу. Исто така, Манака спарингувал и тренирал со практиканти на други боречки вештини.

Денес,
Фумио Манака се присетува на првата реална борбена ситуација, за које
вели, направила да ја разбере суштината на ма-аи (тајминг и дистанца). „Се сеќавам, кога се соочив со еден многу добар каратиста. Заземавме дистанца, но како што се доближувавме, воздушниот притисок како да не спречи да дојдеме поблиску. Тоа е она што се нарекува ма-аи. Тоа е
искуство кое не може да се почувствува при регуларен тренинг. Кога
двајца луѓе ќе се соочат на тој начин, тие се како две кучиња кои ржат
и лаат едно на друго, при што, никој не го прави првиот потег“.

Иако,
Манака сенсеи денес е канчо (старешина) на своја организација за
боречки вештини, тој секогаш со гордост истакнува дека се што научил е
благодарение на Масааки Хатсуми сенсеи.  

Превела: Б. Груневска