После два дена живеење покрај река, слободно можеме да кажеме дека станавме „речни луѓе“. Барем таков впечаток добија учесниците на вториот семинар насловен како „Живот во Дивината“.
За време на настанот, шидоши Игор Довезенски несебично го пренесуваше своето знаење на учениците кои се одважија да земат учество на семинарот, па така тие се здобија со нови сознанија поврзани со техниките на преживување во поголема група, овој пат покрај реката и речното корито.
Во текот на првиот ден, Довезенски предаваше за начините на избирање на соодветно место за живот покрај река на подолг период и тоа во ситуација на воена окупација на земјата, како и во случај на некаква природна непогода. Потоа се увежвбуваа техниките за обезбедување и подготовка на храната, но и осветлување на околината со помош на примитивни алатки.
Во текот на вториот ден, водачот на Буџинкан Македонија предаваше за начините на обезбедување на питка вода во случај на сомнеж дека реката е загадена, како и на ловење на поголеми риби со нож и нивна најефикасна подготовка за јадење.
На крајот на семинарот сите учесници искрено се заблагодарија за научените лекции и истакнаа дека овој бил „највкусниот“ од сите досегашни настани на отворено.
Инаку, за тие што не знаат, овој семинар во природа беше 340-ти по ред на шидоши Довезенски, така што неговото искуство на ова поле е навистина големо. Техниките на преживување во природа во најголем дел ги има научено од својот дедо, кој бил учесник во втората светска војна и одликуван со повеќе заслуги, меѓу кои и за ослободување на градот Скопје. За време на војната и после неа, тој бил извидник и техниките на преживување во природа многу му помогнале да преживее во опасните ситуации низ кои се нашол за време на тие тешки години.