Прецизните мерења извршени
од страна на надалеку познатата селска кооперација Дацко 56 ™, покажаа дека за
време на одржувањето на зимскиот семинар, температурата на воздухот изнесувала
од 1 до 5 степени целзиусови. Минималната температура била за време на двете преминувања
на реката, додека максималната била измерена околу 13.00 часот.
Секако, поради желбата
да се совладат вештините на преживување во зимски услови, учесниците на
денешниот семинар воопшто не почуствуваа криза пораду суровите временски
услови.
На семинарот учествуваа
15 ученици на Буџинкан Македонија, а за нашата работа интерес покажа и познатиот
„Лајф Магазин“ кој испрати една новинарка и еден фоторепортер со нас, со цел да
објави репортажа за февруарскиот број. Во оваа прилика им честитаме на новинарите
поради тоа што издржаа повеќе од три часа (од вкупно осум) следејќи не по различни
терени во природата.
Семинарот започна со
совладување на техниката за преминување на надојдени води. Крива Река во оваа
прилика си ги покажа своите заби. Реката која извира од високите и со снег
покриени паланечки планини, беше толку ладна, што по неколку метра нозете веќе
неможеа да се чуствуваат.
По ова, учесниците на
семинарот ги научија начините за изградба на зимски засолништа и палење на оган
со кремен. Колибата беше изградена за дваесетина минути, а и огнот успешно
запален и покрај големата влажност на земјата и воздухот.
Откако ја совладаа и
оваа техника, членовите на Буџинкан Македонија се упатија кон местото викано
См’кнено, каде што инструкторот Довезенски одржа уште едно кратко предавање за начините
на обезбедување вода за пиење во зимски услови. Потоа следуваше тренинг
таиџутсу (борба без оружје), буки мамори буки (оружје против оружје), како и
техники на формациско борење со копје и меч.
По завршувањето на настанот,
сите учесници беа видно задоволни од наученото, а според нивните изјави, едвај
чекаат да дојде следниот февруарски семинар во природа на тема: јариџутсу
(техники на борење со копје).