Закони кои се однесуваат на јапонските селани / Гонин Гуми 五人組み

Posted on Categories Списание

Методи на контрола во селата

Гонин Гуми (五人組み) биле групи од
пет домаќинства кои имале колективна
одговорност во времето на администрацијата (бакуфу) во владата на шогунот
Токугава.

Официјалната политика на администрацијата на Токугава
била да го истакне развојот на земјоделството на сметка на трговијата и
индустријата. На овој начин, како производители од кои директно зависи функционирањето
на целиот поредок, селаните биле втори во социјалната хиреархија која се
состоела од четири класи. Во реалноста, фармерите не биле ништо повеќе отколку
пиони кои ја одржуваат економската стабилност од страна на бакуфу и нивните
господари (даимјо). За таа цел,
биле донесувани различни мерки за нивна контрола.

На фармерите им било дозволено да се преселуваат од една
област во друга и да се жалат директно на повисоките органи доколку им била нанесена
неправда од господарот или судијата во областа каде што живеат. На овој начин, тие
биле искористувани за да информираат за прекршоците на службениците, со што уште
повеќе се зголемувала контролата на бакуфу. Истовремено, администрацијата била
многу ревносна во собирањето на даноците од селаните.

Гонин Гуми-те биле должни да се спротиставуваат на
скитниците и бандитите, но и да организираат заедничка одбрана против ронин-ите
(самураи талкачи). Имале водач кој бил избиран од домаќинствата, но некогаш бил
и назначуван и од самата власт. Групите не секогаш биле составени од пет
домаќинства. Во некои области, тие броеле шест, а некогаш и десет домаќинства.

 Законик за Гонин Гуми од 1632 година

1.      
Доколку некој во групата од петмина ја злоупотреби
службената должност, мора да биде пријавен без да се прикриваат фактите.

2.      
Доколку некој од групата од петмина не успее да си ги плати
своите годишни даноци или да ги обезбеди услугите кои се потребни, групата мора
веднаш да ја поправи ситуацијата.

3.      
Доколку некој од групата од петмина избега, останатите
мора брзо да го најдат и да го вратат (во првичното место на живеење). Доколку
не го обезбедат и вратат бегалецот, тогаш групата од петмина ќе биде виновна.
(Ова е типична колективна одговорност која одлично функционирала з.м.)

4.      
Никој од групата од петмина не смее ниту да праша да
работи надвор од назначената територија, или, пак, да работи во рудник во друга
област. Доколку посака да работи во место кое е дозволено, тогаш мора да обезбеди
дозвола од властите на време.

5.      
Доколку некој од групата од петмина е извонредно силен,
овој факт мора да биде пријавен.

6.      
Членовите од групата од петмина не смеат да дозволат на
некој кој е во бегство или на непознат кој е сомнителен, без разлика дали се работи
за маж или жена, да престојува во нивната куќа. Не смеат ниту да обезбедат
сместување за било човек што не го познаваат. Во случај непознатиот да е курир за
брза достава на пошта, сместувањето може да биде обезбедено откако ќе се
провери сандачето со писма.

Доколку некој ги прекрши одредбите погоре, тоа мора да
биде пријавено во канцеларијата на главниот на селото (шоја) без одолговлекување. Водачот
на селото мора истото да го пријави веднаш во локалната судска канцеларија (тедаи).
Доколку има било какво прекршување на гореспоменатите закони, ние членовите на Гонин
Гуми ќе бидеме виновни. Доколку веднаш се пријави прекршокот, ние нема да имаме
непријателски чувства кон прекршителите.

За потврда на горенапишаното, ги ставаме нашите печати
како Гонин Гуми.