Одржан семинарот „Патот на Шугенџа ® VI“

Posted on Categories Почетна

240920120317207895.jpgПеторица ветерани и еден почетник на Буџинкан Македонија, оваа година учествуваа на духовното патување наречено Патот на Шугенџа.

Според мерењето базирано на старата воена мапа, во текот на вчерашниот ден изминавме околу 45 километри. За тој подвиг ни беа потребни околу десет ипол часа.
Како и секоја година, така и овој пат избравме непознат терен, а при неговото совладување се потпиравме на чуството за ориентација, сонцето и воената мапа.

Патувањето започна околу 08:00 часот со искачување на Липац од неговата северо-западна страна. Првата препрека се појави при совладувањето на врвот Кула, поради големата стрмнина односно речиси вертикална линија.
Потоа се упативме на југ и по еден час пешачење стигнавме во Пезово. Од тука, го сменивме правецот кон исток и движејќи се кон источниот дел на К’шање, влеговме во атарот на Татомир. Пред да влеземе во селото, „пресековме“ кон север и движејќи се меѓу Шопско Рударе и Коњух наидовме на прекрасен кањон (кој го искористивме како пат кој не однесе на почетната точка). По околу два часа пробивање низ непроодните карпи стигнавме до Крива Река, а подоцна се беше полесно.

Како и секоја година, за време на Патот имавме 240920120317429485.jpgможност да уживаме во неверојатните пејсажи што го одземаат здивот. Видовме места на кои со години нема стапнато човечка нога, наидовме на непознати за нас видови растенија и животни, кањони и потоци, кладенци и стари чешми.

Ние во Буџинкан Македонија честопати на шега го употребуваме изразот
„салонски нинџи“. Тој израз означува постојано вежбање во доџо, без
испробување на вештините во дивина, на непознат терен, без соочување со
опасности од непознатото. 

На крајот честитки за ветераните кои без поголеми проблеми го изодеа Патот на Шугенџа-та за 2012 година, но и за почетникот кои имаше храброст да се пријави за учество на настанот. Иако тој на моменти доживуваше кризи и тешкотии, сепак успешно го заврши семинарот.

Патот на Шугенџа ® VI

Posted on Categories Почетна

06092012090537shu8374.jpgВоините од доџо-то за традиционални јапонски боречки вештини, Буџинкан Македонија, по шести пат ќе појдат на духовното патување наречено „Патот на Шугенџа“.

Овој пат, ќе се крстосува низ планината Манговица, но рутата ќе биде далеку поголема од таа од пред неколку години. Инаку, нејзината широчина изнесува 23 километри.

Шугендо
е древен јапонски метод кој ги истражува релациите
помеѓу човекот и
природата. Шугендо значи „Пат на вежбање и
тестирање“, односно тоа е аскетска дисциплина која има за цел да
постигне самоусовршување преку повлекување во планина, медитација под
водопади и ладни реки, вежби за дишење на недостапни терени, се до
достигнување на неверојатни подвизи преку тестирање на телесната и
менталната издржливост. Тие кои го практикуваат овој метод, познати се
под името Шугенџа, а учењето се практикува во Јапонија се до денешни
дни.

За
основач на учењето се смета Ен но Гјоџа, кој живеел во близина на Кјото
во 7 век од нашата ера. Другото име, по кое овие следбеници биле
познати е Јамабуши или Планински Воини. Тие крстосувале по планинските
сртови на јапонските острови посетувајќи и заштитувајќи ги
многубројните храмови.
Некои учени веруваат дека токму овие луѓе, здружени со пребегнатите кинески генерали по падот на
династијата Танг, се сметаат за основоположници на вештината Нинџутсу.

Тема: Патот на Шугенџа / Духовно патување

Ден: 23 септември, 2012 (недела)

Место: Липац – Манговица – Липац

Програма:
07.00 часот – поаѓање од Скопје
08.00 часот – пристигнување и почеток на маршот
Враќање назад – само Господ знае!

Опрема: Земете се што сакате. Се е на Ваша одговорност и совест.

п.с. Не е исклучена средба со диви животни, дожд, невреме и останати непредвидени работи. Секој доаѓа на сопствен ризик.

* Пред да се пријавите, проверете ги информациите на нашата веб-страница од минатите години.

Првото корју доџо во Македонија пуштено во употреба

Posted on Categories Почетна

27082012155023dojo.jpgДраги ученици,
роднини и пријатели,

дозволете ми да ја злоупотребам веб-страницата на нашата организација и директно
да Ви се обратам со една убава вест.

Сонот е остварен.

Го изградивме првото традиционално јапонско доџо во
Македонија, но и на Балканот. Го изградивме сами, од темел, без ничија помош,
на наша земја и со наши средства. Го изградивме нашиот сон, посакуван години
наназад, да имаме наше доџо во кое тренинзите и семинарите ќе ги организираме
како што ние сакаме и кога ние ќе посакаме.

Не беше лесно. Заложив се што имам. Се задолжив за следните 20 години.
Но тоа не е повеќе важно. Лошите мигови, страдањето и жртвувањето се само начин
да се постигне целта. Сега, кога таа е остварена, останува да се гледа напред.
Во иднината.

Доџо-то е изградено во еколошки чиста средина, одалечено 60 километри од
Скопје. Употребени се материјали кои ги исполнуваат највисоките стандарди за
градба. Се состои од 100 м2 површина за вежбање во приземјето (со татами) и 100
м2 за престој на првиот кат.
Дворот околу доџо-то целосно е уреден, а околу него се наоѓат неколку помошни
терени за тренинг.

Во Хомбу Доџо-то на организацијата „Пат кон Сонцето“, ќе се одржуваат редовни
тренинзи секој викенд. Добредојдени се сите наши членови и пријатели.

Како што веќе знаете, организацијата „Пат кон Сонцето“ е основач на доџо-ата
Буџинкан Македонија (во 1995) и на Даито рју Македонија Корју Доџо (во 2010).

Деновиве ќе започне со работа уште една наша веб-страница со адреса www.koryu.mk. Сите заинтересирани таму ќе можат да ги следат новостите поврзани со
работата на Хомбу-то.

Клубовите во Скопје си продолжуваат со работа на истите локации и во истите
термини.

Доколку постои заинтересираност, Хомбу Доџо-то е 27082012155035vnatre.jpgподготвено да организира
специјални подготвителни тренинзи за спортисти и натпреварувачи кои сакаат да
ги подобрат своите психофизички способности за кратко време  (во тие денови ќе функционираме како тренинг
камп).

Првиот официјален тренинг во Хомбу-то ќе се одржи на 1 септември, 2012 година.

Добредојдовте во првото традиционално доџо за јапонски традиционални борачки
вештини. Добредојдовте во првото корју доџо во Македонија.

Секогаш напред. Гамбате!!!                                                                            

Со почит,

шидоши Игор
Довезенски

Забелешка: од
„удирањето“ на темелите, па до пуштањето во употреба, поминаа точно 13 месеци.

Рекорден број учесници на Летниот Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

15082012164937zaveb76.jpgЧетвртиот по ред Летен Нинџа Камп, собра на едно место рекорден број учесници. Вкупно дваесет и двајца односно двајца ученици повеќе од минатата година, девет дена вежбаа и се дружеа во долината под планината Липац. За прв пат, имавме учесник од Шпанија и со тоа настанот доби меѓународен карактер.

Во време на кампот, се вежбаа техники од школата Тогакуре рју Нинџутсу. Утрото започнуваше со два-три километарско трчање, а по доручекот, се вежбаше гаѓање со бо и со сенбан шурикени.
По ужината, почнуваше тренингот за Готон По, а по одморот следуваа катите од Нинпо Таиџутсу.
Денот завршуваше со специјални ноќни техники од Аруки Ваза или Готон но Џутсу.

Според реакциите и изјавите на постарите ученици, ова година за време на кампот посебно беше ставен силен акцент на психолошкиот пристап кон борбата. Тоа е всушност и главната карактеристика на гореспоменатата нинџутсу школа.
Тренингот за снага и експлозивност (џунан ундо), исто 15082012164906zaveb77.jpgтака беше на високо ниво. Во нашето доџо кондицијата на учениците отсекогаш била многу важна. 
Дружењето, како и секоја година беше неверојатно, а сето тоа придонесе да се развијат уште посилни врски меѓу нашите членови.

Последниот ден, како што налага традицијата на кампот, шидоши Игор Довезенски ја објави темата за следниот камп. На него ќе се вежбаат техники односно кати од Кукишинден рју Дакентаиџутсу и Кукишинден Бикен но Хо.

Одбројување до отворањето на Хомбу-то и Летниот Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

02082012163810gjkb.jpgАвгуст е единствениот
месец во годината кога клубот на Буџинкан Македонија во Скопје не работи, но
затоа тогаш почнува нашиот Летен Нинџа Камп кој надалеку е прочуен.
За кампот се пријавија над 20 учесници од нашето доџо, а настанот ќе биде
интернационален бидејќи ќе имаме и учесник од Шпанија.

На 4 август, со почеток во 10.00 часот, официјално ќе го отвориме доџо-то кое
го изградивме во долината под планината Липац, а кое ќе служи како Хомбу
(стожер) на организацијата „Пат кон Сонцето“.

Ги покануваме сите наши ученици и пријатели да ни се придружат на овој
историски настан, бидејќи ова е прво доџо во Македонија кое е изградено на
сопствено земјиште и со сопствени средства, без никаква помош од било која владина
или невладина организација.

Објектот е изграден според сите еколошки правила за
градба и според сите норми за изградба на јапонско традиционално доџо наменето
за усовршување на „Патот“.

Одржан семинарот „Преживување во природа® VI“

Posted on Categories Почетна

Додека
медиумите во Македонија известуваа за 30072012150840ium.jpgелементарната непогода предизвикана од
пеколните температури што ја зафатија нашата земја, викендов воините на Буџинкан
Македонија успешно го одржаа семинарот „Преживување во природа“.

Оваа година се пријавија вкупно шест членови на доџо-то, од кои
тројца беа ветерани (со повеќе од три семинари за Преживување во природа).

Како и секоја година, така и оваа, семинарот започна во саботата во раните
утрински часови. По краткиот кондиционен, инструкторот Довезенски одржа Гошинџутсу тренинг. Потоа почнаа лекциите за преживување и изградба на засолништа,
како и за состојбата на умот што воинот мора да ја достигне за да може да се
справи со предизвиците на теренот.

Околу 14.00 часот,
кај тројца од учесниците се појави првата криза, предизвикана од жешкото сонце,
а уште повеќе поради недостигот на вода. Дехидрацијата почна да напаѓа, а како
што таа се зголемуваше, така и вољата на учениците се намалуваше. Инструкторот
Довезенски успеа да им помогне на тие кои имаа намера да се откажат и да ги
„врати во игра“.
Попладнето продолжи со тренинг за фрлање на бо шурикени, а вечерта заврши со
вежбата „Ин Јо Канкаку“.

Ноќта помина мирно, под прекрасното ѕвездено небо над Липац, додека стражата се
менуваше на секои два часа.

Неделата рано на изгрејсонце започна тренингот по Кенџутсу, а потоа продложи
со медитација под карпите на пресушениот водопад во С’мкнено. По ова, следуваше
краток марш до местото викано Стари Лозја, каде под еден стар даб се наоѓа крстот
посветен на светецот Свети Трипун. Точно на ова место, последниве две години се
одржува традиционалното „чмаење“ односно двочасовното исчекување да се прогласи
крајот на семинарот.

По пристигнувањето кај Стари Лозја, температурата на воздухот (која искачи на над
45 целзиусови), почна да го зема данокот. Двајца од ветераните почнаа
да чуствуваат тешкотии во дишењето, дезориентираност, гадење и силно срцебиење.
Симптомите постојано се влошуваа и тие мораа да се откажат од семинарот.

Останатите четворица, вклучувајќи го и инструкторот Довезенски, успешно го завршија
семинарот по што се вратија на почетната точка.

Колку за објаснување за тие што не учествувале на овој настан. Во текот на двата
дена дозволено е да се испие само еден ипол литар вода. За да разберете колку е
тоа малку, замислите два дена да се наоѓате на отворен простор под сонце (над 40 целзиусови),
насекаде околу Вас карпи, без вегетација. Имате постојана активност и
тренинг, а не смеете да седнете на задник, ниту пак да легнете. Литар ипол вода
трошите преку потење после првиот тренинг, а тој процес постојано продолжува и
понатаму. Секое движење на толку висока температура предизвикува губиток на
телесните течности, а дури и зборувањето и дишењето прават водата од телото да
испарува. На сета мака, имате само три часа за спиење во текот на двата дена,
па со тоа, заморот станува неподнослив и предизвикува неверојатна збунетост на
умот.

Честитки за сите кои успешно го завршија семинарот, но и до тие кои се откажаа,
бидејќи и самото пријавување за учество на истиот, значи голема храброст.

Истовремено, инструкторот Довезенски објави дека следната година ќе биде
последна што ќе се одржи овој традиционален семинар.

Преживување во природа® VI

Posted on Categories Почетна

12072012033525dhfgf.jpgMaкедонија е позната по
пеколните летни температури предизвикани од таканаречените „африкански
бранови“. Најтопло е во последните денови од јули, кога температурата се
искачува и над 45 целзиусови, а индексот на сончевото зрачење е на максималното
ниво.
Ова е идеално време за воините на Буџинкан Македонија да ја испробат својата физичка и ментална издржливост.

Ова го правиме секоја година, а привилегија да бидат дел од овој настан имаат
само мал дел членови од нашето доџо.

За храбрите, за одважните…Два пеколни дена, далеку од цивилизација, без храна и само литар ипол вода, без
дополнителна облека и хигиенски средства. Два дена вежбање, медитација и голо преживување.

Место: С’мкнено (26 км. до најблискиот град и болница / пустински услови)

Време: 28 и 29 јули, 2012 година

Поаѓање: сабота во 07.00

Враќање: само Господ знае

Прочитај убаво!!!

Пред семинарот, секој учесник во сопствена организација треба да си направи соодветни
лекарски прегледи и да добие усмена или писмена потврда од лекар дека е психофизички
здрав и целосно подготвен за дводневен екстремен напор (под врелото летно сонце), без храна и вода, а проследен
со тежок тренинг и тричасовен сон.
Секој учесник доброволно се пријавува на семинарот и сноси сопствена одговорност
за евентуалните последици настанати по неговото здравје или живот!

Настанот е отворен за сите и на него можат да учествуваат сите граѓани на Р. Македонија
со наполнети 18 години.

Дозволена опрема: вреќа за спиење, шаторско крило, војничка униформа (панталони
и кошула), една маица, капа, еден пар гаќи (широки), еден пар чорапи, јаже, нож
и шише од литро ипол (празно).

Важно: забрането носење храна, вода и останати работи кои не се наведени погоре.
Пред поаѓање, ќе има задолжителна проверка. 

Најважно: семинарот е предвиден само за цврсти момци и девојки. Условите за тренинг
ќе бидат исклучително тешки, а дисциплината ќе биде железна. Тие кои не се чуствуваат
психофизички спремни за да „влезат во пеколот“ и кои не се подготвени да го убијат
сопственото его, ги молиме да не се пријавуваат на семинарот. Дозволена количина
на вода за пиење за двата дена: 1.5 литри. Имајте во предвид дека температурата
на воздухот може да се искачи над 45 целзиусови. Забрането седнување на задник за
време на семинарот (во текот на двата дена) и потпирање на сите четири екстремитети
истовремено. Само три часа спиење, останатото време тренинг.

Забрането жалење, изговори и плачење за време на семинарот.

п.с.
Преживувањето во природа воопшто не изгледа забавно како сериите на
сателитските канали. Нема камери, нема екипа која што стои позади Вас, нема
лекари и нема хеликоптери и удобни хотели после снимањето. Реалноста на
преживувањето е сосема различна од фенси сериите на ТВ.

Полагање за ученички степени

Posted on Categories Почетна

01072012171513yhb.jpgВо петокот, во доџо-то на Буџинкан Македонија во Скопје се одржа полагање за ученички (кју) степени.

Од мукју (без степен) во 10 кју преминаа учениците Дамјан Д., Нина Г., Кристијан Ј. и Дарко П.

За 8-ми положија Елена А. и Михаил Д., додека за 6 кју учениците Моника Ш. и Стефани Г.

За 4 кју положија Тина Д., Катерина Д., Филип А. и Тодор А., а за 2-ри Дарко Б., Благица С. и Антон П., со што се здобија со звање „семпаи“ (постари ученици).

На крајот од полагањето на сите учесници им беше укажано на грешките при изведбата на техниките, но и на целокупниот напредок во текот на последното шестмесечје. Така, сега од сите нив се очекува соодветен напредок согласно укажувањата и советите.
Следното полагање е закажано за во декември.

Одржан семинарот „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“

Posted on Categories Почетна

11062012033807Ken_lipac876.jpgТоплотниот бран што ја зафати нашата земја и температурите над 34 целзиусови во сенка, не ги поколеба воините на Пат кон Сонцето да дадат се од себе за време на дводневниот семинар за Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден).

На овој семинар, што секоја година го одржуваме во чест на сенсеи Черта, учество земаа 13 членови на нашето доџо. Во текот на двата дена, се вежбаше по шест часа, а останатото време беше искористено за дружење и разговор поврзан со традиционалните боречки вештини.

Во саботата, покрај повторувањето на материјалот, повеќе време беше посветено на техниката „до учи“, додека во неделата се концентриравме на техниката 11062012033818Ken_lipac887.jpg„јокомен учи“. За саботната вечера, како и секоја година, беше подготвено гравче со суви ребра во котле, на традиционален македонски начин. Се спиеше во вреќи под ѕвездите на Липац поточно на врвот на ридот Еленац. Будењето на изгрејсонце беше неверојатно, а златната рефлексија од сонцето, на реката во долината и даваше магична привлечност.

Со одржувањето на овој семинар, инструкторот Довезенски и неговите ученици напишаа уште една страница од историјата на доџо-то.
До крајот на летото преостанува уште еден семинар во природа.

Одржан семинар во Градско

Posted on Categories Почетна

28052012025843gradsko89897.jpgШидоши хо Марјан Прошев и шидоши хо Марко Опачиќ, во неделата одржаа семинар во секцијата на Буџинкан Македонија во Градско.
Ова е последен од серијата семинари што помладите инструктори ги одржаа во оваа општина, а по повод претстојното полагање кое што ќе се одржи кон крајот на јуни.

Ова ќе биде прво полагање што ќе се одржи за секцијата во Градско, а истовремено и прво полагање кое ќе се одржи под водство на Прошев и Опачиќ. По полагањето, водачот на Буџинкан Македонија, шидоши Игор Довезенски, официјално ќе ги назначи помладите инструктори за одговорни за работата на Буџинкан Македонија – Градско (шибу доџо).

Инаку засега, шидоши хо Прошев и шидоши хо Опачиќ се задоволни од работата на оваа секција и се надеваат дека напредувањето и понатаму ќе следи, а тоа може да се постигне само со напорен и беспоштеден тренинг.

п.с. На фотографијата е еден од помладите членови на Буџинкан Македонија – Градско Шибу Доџо, кандидат за полагање за 10 кју.