По тринаесетти пат одржан „Силата на Јари“

Posted on Categories Почетна

Тринаесет години по ред долината и ридовите под Липац ечат од грмогласните извици на Воините на Буџинкан Македонија кои секој последен викенд во март се собираат во Хомбу Доџото со цел да ги усовршуваат своите техники за борба со копје (СоЏутсу).

Оваа година, семинарот се одржа на ивицата на шумата Млака, на ливада опкружена со многу столетни трепетликови дрвја, а на настанот учество земаа 20 членови на нашето Доџо.

Под водство на учителот Довезенски и со срдечна помош при предавањето од страна на неговиот помошник Марко Опачиќ, учесниците имаа можност да уживаат во велелепните СоЏутсу техники од школата Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу.

За следната година очекуваме бројот на учесници уште повеќе да се зголеми и да го срушиме рекордот по бројност на легендарниот семинар „Силата на Јари“.

Шурикен семинар во дворот на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Еднодневен семинар на тема ШурикенЏутсу се одржа во саботата во дворот на Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Настанот оваа година привлече многу нови заинтересирани од почетничката група на Буџинкан Македонија, со што атмосферата беше уште повеличенствена.

Сите учесници покажаа солидни резултати, а кај некои од нив напредокот беше и повеќе од задоволителен, па така учителот Игор Довезенски на својот ученик Владимир Атновски му додели копија од Деншо (прирачник) за техниките на гаѓање со Шурикени.

Вечерта во Доџото се одржа презентација на видеото од школата Асајама Ичиден рју Таиџутсу, а потоа имаше и „нинџа кино“ односно учесниците уживаа во класичниот шиноби филм од осумдесетите „Моли за смрт/Pray for death“.

Гјокко рју / Кото рју - Камае, Тсуки, Уке, Кери семинар

Posted on Categories Почетна

Дождот што паѓаше во текот на вчерашниот ден, направи уште попријатна атмосфера за време на семинарот што се одржа во скопското доџо на Буџинкан Македонија.

Учесниците имаа можност да ги вежбаат основните положби на телото, како и ударите и блоковите од школите Гјокко рју Косшиџутсу и Кото рју Коппоџутсу.

Веќе од следниот викенд, се отвора новата сезона во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а за две недели закажан е првиот семинар за 2022-ра, во овој храм на јапонските класични борбени вештини.

Одржан десеттиот „Детски Нинџа Маратон“

Posted on Categories Почетна

Десеттиот и воедно последен „Детски Нинџа Маратон“, се одржа вчера во скопското доџо на Буџинкан Македонија. На програмата беа неколку техники за самоодбрана, како и техники за бешумно движење.

Со овој семинар, се затвора циклусот на зимски детски маратони, а веќе од следната зима, планиран е нов настан со наслов „Детски Нинџа Самит“, при што освен нинџутсу техники, децата ќе се забавуваат со многу забавни игри и лотарии.

Буџинкан Македонија во „Манџа“ на Канал 5

Posted on Categories Почетна

Втората сезона на кулинарското шоу „Манџа“ веќе се крчка во студиото на Канал 5, а во првата епизода ќе ги гледате семпаи Сања и шидоши хо Владимир, кои ќе ги претставуваат боите на Буџинкан Македонија.

Се очекува снимањата и постпродукцијата да завршат за отприлика еден месец,  а тогаш ќе имате можност да го проследите нашето гостување во емисијата. Ќе видите неколку техники за самоодбрана, а ќе дознаете нешто и за нинџа-диетата која ја практикуваме.

Иако се трудиме да ги избегнуваме гостувањата во телевизиските емисии и шоуа, не можевме да ја одбиеме поканата на шармантниот Кирил Трајковски Максим, бидејќи еден краток период актерот и водител вежбаше во нашето Доџо, а кај нас важи максимата: еднаш пријател на Доџото – засекогаш пријател на Доџото.

Одржана единаесеттата „Работилница за Самоодбрана за Жени“

Posted on Categories Почетна

Над триесет учеснички во текот на вчерашниот ден уживаа во прекрасната атмосфера која постојано лебдеше во воздухот за време на традиционалната „Работилница за Самоодбрана за Жени“ која се одржува еднаш годишно во организација на Буџинкан Македонија.

За прв пат во Република Македонија, овој настан започнавме да го организираме уште во 2008 година и оттогаш стана синоним за квалитетна обука на припадничките на поубавиот пол.

За време на Работилницата, се изучуваат разни техники за самоодбрана од насилници и тоа според различни сценарија кои потенцијално и реално би можеле да се случат.

Инаку, учителот Игор Довезенски за време на настанот инсистира на подеднаква застапеност како на физичките, така и на менталните техники за подготовка на жените при можни несакани дејствија, па затоа неговите помошници од доџото се во улога на разбојници, со цел учесничките да можат пореално да се соочат со стравот и со силата која доаѓа при нападот.

Доколку сте заинтересирани за тренинзи во нашето доџо или за специјални курсеви за самоодбрана, слободно јавете се на некои од нашите телефони или пишете ни на нашата електронска адреса.

Шиноби Таисо семинар за инструктори

Posted on Categories Почетна

Шиноби Таисо семинар за инструктори се одржа во неделата во скопското доџо на Буџинкан Македонија.

Присутните на настанот имаа можност да научат нови Џунан Таисо и Џунан Ундо техники, како и неколку нови манипулации на телото за балансирање на мускулната нерамнотежа.

Исто така, учителот Довезенски подучуваше начини за истегнување со таканареченото Шиноби Тркало односно реквизит кој се користи како помошно помагало за изведување на вежбите.

Одржан „Начини на Зимско Преживување XII“

Posted on Categories Почетна
Во местото С’мкнено во близина на нашето Хомбу Доџо, вчера се одржа традиционалниот зимски семинар „Начини на Зимско Преживување“.

Смрзнатата вода во вировите кажуваше дека температурата во поголемиот дел од денот беше под нулата, меѓутоа блескавото сонце кое секогаш е дарежливо над македонската земја, направи да се чувствуваме како да е пролет.

Како и секоја година, повторивме дел од старите лекции, а секако научивме и нови. Истовремено, двајца наши членови се обидоа да го положат тешкиот тест за зимско преживување и едниот од нив успеа. Михаил Дракалски – ти честитаме. После толку обиди, конечно и заслужено успеа!

Оваа година повторно имавме солидна бројка на учесници. Дури 16. „Начините на Зимско Преживување“ се многу привлечни за членовите на Буџинкан Македонија, но и за луѓето од страна кои се пријавуваат за да бидат дел од нашата магија.

Инаку, учителот Игор Довезенски почнал да ги изучува техниките за преживување уште од својата седма година, од својот дедо Љубомир, кој за време на втората светска војна бил извидник во партизанскиот одред. По завршувањето на војната, тој служел уште три години во војската, обучувајќи вод со извидници кои требало да се движат пред тенковската дивизија, со цел да го извидуваат теренот и да собираат информации за непријателските единици. Па така, за Довезенски оваа година е јубилејна односно 40 години учење, вежбање, практикување и предавање техники за преживување.
Не пропуштајте следната година да бидете и Вие дел од овој традиционален семинар, единствен во нашата Македонија.

Одржан деветиот Детски Нинџа Маратон

Posted on Categories Почетна

Деветиот Детски Нинџа Маратон беше одржан во неделата, во скопското Доџо на Буџинкан Македонија.

Овој настан, кој се одржува еднаш месечно во текот на зимските месеци, има за цел преку забава и дружење да ги доближи јапонските боречки вештини до најмладите членови од секцијата Нинџа Клинци.

Следниот Детски Нинџа Маратон, ќе се одржи во текот на месецот февруари. Се гледаме.

Извештај за 2021 година

Posted on Categories Почетна

Разочарани од пандемиската 2020-та година и наметнатите нелогични мерки и забрани кои целосно го сменија текот на животот, не дозволивме и 2021-ва да помине без настани кои ќе помогнат да се продолжи со пишување на историјата на Буџинкан Македонија и на Пат кон Сонцето.

Па така, ако претходната година немавме доволно семинари кои би не мотивирале да направиме Извештај за нашата работа, во 2021 се погриживме храбро и одважно да го вратиме стариот сјај и да продолжиме по Патот, не обрнувајќи повеќе внимание на тешкотиите предизвикани од светската хаотична здравствена криза.

Почитувани членови на Буџинкан Македонија и почитувани пријатели, годинава зад нас успеавме да организираме 25 семинари. Од нив, четири беа одржани во скопското Доџо, пет во природа, додека 16 во нашето Хомбу Доџо во долината под Липац.

За истакнување се и неколку настани, од кои посебно се издвојува полагањето за мајсторско звање (шодан) на нашиот долгогодишен член Таки Гаковски, што се одржа во јуни во Хомбу-то на Буџинкан Македонија. Би сакале да го споменеме и доделувањето на бронзените медали „Генин“, на двајцата наши истакнати членови: Благица Божиновска и Михаил Дракалски.

Несомнено, тука заслужува да се спомене и издавањето на првата Буџинкан манга во светот, чии автори се учителот и водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, заедно со неговиот верен ученик Таки Гаковски. Стрипот е испечатен на македонски и на англиски јазик и веќе се продадени над 100 парчиња во нашата земја, како и над 300 во државите низ сите меридијани на земјината топка.
Оваа година конечно го завршивме серијалот на семинари во природа познат под името „Живот во Дивината“ и го најавивме почетокот на новиот серијал што ќе започне од 2022 година, меѓутоа за тоа малку подоцна ќе информираме подетално.
И секако, овој Извештај ќе го завршиме со споменување на легендарните Летни Нинџа Кампови кои и оваа година успешно се организираа и одржаа во нашето Хомбу Доџо.

За крај, би сакале да Ви ја честитаме новата 2022-ра година и да Ви посакаме многу повеќе успех на Патот.
И не заборавајте: „Нинџите никогаш не се откажуваат“. Нинпо Иккан!!!