Издаден првиот манга (јапонски стрип) на македонски јазик

Posted on Categories Почетна

Во просториите на CEED Macedonia во Скопје, во средата беше промовиран првиот манга (јапонски стрип) на македонски јазик во издание на Организацијата за изучување класични јапонски самурајски и нинџа вештини – Пат кон Сонцето.

На настанот беа присутни околу стотина членови и пријатели на Буџинкан Македонија, кои дојдоа да му одадат признание и почест на авторот на стрипот, семпаи Таки Гаковски.

За само два дена, речиси половина од тиражот веќе е распродаден, а многумина искажаа желба Гаковски да продолжи со својата работа со цел да ја возобнови стрип-културата во Република Македонија.

За две недели, закажана е промоција во Битола, а понатаму ќе следува посета на уште неколку македонски градови, со цел граѓаните на Републиката да се запознаат со стрипот.

Одржан Шиноби Таисо семинар

Posted on Categories Почетна

Шиноби Таисо семинар беше одржан во неделата во скопското доџо на Буџинкан Македонија, а под водство на учителот Игор Довезенски.

На настанот се предаваа техники од сите три нивоа на системот, а тренингот започна со Џунан Ундо, по што продолжи со Џунан Таисо, за на крајот да заврши со техники за корекција и баланс на структурата на скелетот од Ки Ундо.

Одржан првиот „Детски Нинџа Фестивал“

Posted on Categories Почетна

За разлика од „Детскиот Нинџа Маратон“, каде што првенствено дечињата се запознаваат со техниките на борба со помош на своето тело, на „Детскиот Нинџа Фестивал“ главен акцент се става на борбата со средновековни јапонски орудија.

Така, Нинџа Клинците на Буџинкан Македонија во саботата имаа можност да вежбаат најразлични техники со користење Кусари Фундо, Шуко, како и Кјокетсу Шоге.

Како и секогаш, дечињата за време на настанот беа неверојатно расположени и внимателно го впиваа секој детал што инструкторите несебично им го сервираа пред нивниот љубопитен дух.

Следниот „Детски Нинџа Фестивал“, а воедно и последниот скопски семинар за првото полугодие за најмладите членови на доџото, ќе се одржи во февруари.

Начини на Зимско Преживување X

Posted on Categories Почетна
На убавите и негостољубиви ридови на Орљак, во сурови зимски услови, вчера се одржа десетиот по ред семинар „Начини на Зимско Преживување“. Ова воедно беше и првиот настан за оваа година, а судејќи според бројот на учесниците, можеме да кажеме дека почнавме јако и жестоко.
Веднаш по пристигнувањето на местото, почна да врне силен дожд, кој за кратко време се претвори во снег. Па така, освен со студенилото, воините на Буџинкан Македонија требаше да се борат и со мократа облека која се лепеше за телото.

Да споменеме дека првите пет години од одржувањето на овој семинар, учителот Игор Довезенски ги подотвуваше учениците за преживување во зимски услови во шума. Последните пет, тој ги предаваше техниките на зимско преживување на ридски терени. Веќе од следната година, семинарот се сели на карпест и каменест терен во месноста См’кнено.
Од основањето на Доџо-то во 1995 година, ние сме водечки авторитети во Македонија во областа на преживување во природа. Кога организиравме семинари посветени на оваа проблематика, се уште немаше документарни шоу-а на National Geographic или на YouTube. Јавноста речиси и да не знаеше дека меѓу нив живеат луѓе кои се специјализират за совладување на техниките за преживување во природа.

На крајот, да споменеме и дека за време на вчерашниот настан, нашиот член Владимир Антовски беше тестиран за првото ниво на „зимско преживување“, меѓутоа за влакно не успеа во својата намера (недостасуваше само еден бод). Веднаш по враќањето во Скопје, тој го напиша следното:

„Денеска се одржа јубилејниот, 10-ти по ред семинар за ’Начини на Зимско Преживување’. Морам да кажам дека ова беше едно од моите врвни искуства, а сигурно и едно од најубавите што ми се случиле во Буџинкан Македонија. Не дека останатите зимски семинари не ми биле прекрасни, меѓутоа се додека не останете сами во суровата природа, која денес беше во својот пик, незнаете што всушност претставува овој настан.
Ова го кажувам од моето лично искуство и би сакал сите кои не го доживеале ова – да не го пропуштат. Кога Сенсеи ми кажа дека ќе бидам тестиран, длабоко во себе знаев дека ќе морам да дадам се од себе, а најмногу за да не го разочарам. Дента пред семинарот си ги повторував сите работи кои претходно ги имав научено и кои се важни за преживување во зимски услови и ментално се подготвив за секаков предизвик. Немав ниту трошка сомнеж или двоумење во себе. Кога стигнавме на местото каде соборците се разделија со мене и кога Сенсеи ми покажа каде треба да се упатам, ме обзема едно неверојатно чувство на радост, како мало дете. Се почувствував среќен што ќе можам да ја искусам природата во целата нејзина суштина – без маски, без преправање, без лаги, безрезервно. Сите тие саати минати борејќи се со нејзината суровост, со мократа облека, со премрзнатите нозе, со раните по рацете од трњата, со студениот ветер – ќе се заборават. Меѓутоа засекогаш ќе останат емоциите и спомените на овој прекрасен ден“.

Извештај за 2019-та година

Posted on Categories Почетна

Во 2018-та година ненамерно поставивме неверојатен рекорд откако одржавме 45 семинари, а за да биде појасно за каков подвиг станува збор, ќе потсетиме дека во годината има 52 викенди. Годинава што измина (2019-та) таа бројка се намали на 41 семинар и покрај нашата намера повеќе да се сосредоточиме на меѓународни семинари, како и на јавна промоција на доџото.

Сепак, нашата љубов и посветеност кон традиционалните јапонски боречки вештини си го направија своето, па така и во 2019-та година продолжуваме да го носиме епитетот „најдинамично доџо во Европа“.

Еве како целиот тој подвиг изгледа во бројки.

Преку „Буџинкан Македонија“ учителот Игор Довезенски организирал и предавал на вкупно 28 семинари за Нинџутсу односно за школите кои Хатсуми Сенсеи ги наследил од Тошитсугу Такаматсу Сенсеи. Од нив, 12 биле во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“, девет во скопското доџо, пет во природа, како и на два меѓународни настани надвор од Македонија.

Тука ќе ги споменеме семинарите одржани во Швајцарија и во Турција, на кои Довезенски беше поканет да пренесе дел од своето знаење во нинџутсу школите, но и организацијата на меѓународниот семинар во нашата земја, на кој водачот на „Пат кон Сонцето“ предаваше заедно со својот пријател од Германија – Пино Дуранте.

Задолжително треба да се споменат јубилејниот десети по ред „Начини на зимско преживување“, шестиот по ред „Живот во Дивината“, потоа третиот „10.000 години ПНЕ“, како и единаесетиот по ред „Патот на Шугенџа“. И секако, да не го испуштиме легендарниот „Летен Нинџа Камп“ кој што оваа година се одржа по единаесети пат, како и третиот по ред „Детски Летен Нинџа Камп“.

Што се однесува до „Даито рју Македонија – Корју Доџо“, бројките изгледаат вака: шест интензивни семинари во Хомбу Доџо-то, пет во скопското доџо, еден во природа, како и еден меѓународен во Швајцарија, каде што учителот Игор Довезенски беше поканет да предава Даито рју Аикиџуџутсу во доџото Кашивакан во градот Бил.

Покрај сите овие настани, вредат да се споменат медиумските презентации и интервјуа за националните телевизии, радија и портали, како и неколкуте јавни демонстрации во Скопје и Гостивар. Тука се и двете хуманитарни работилници кои „Буџинкан Македонија“ ги организираше за децата со аутизам и пречки во развојот, а важно е да се спомене и ангажманот на водачот на Буџинкан Македонија како технички консултант во филмот „Кариран Нинџа“ кој се прикажуваше низ кината во Македонија.

Во 2019-та година конечно добивме уште двајца мајстори во Буџинкан Македонија односно Владимир Антовски и Михаил Дракалски положија за шодан (мајсторско звање – прв дан), додека Марко Опачиќ положи за сандан (3 дан) со што стана првиот ученик на Довезенски кој го достигнал ова звање.

Како и секогаш, упатуваме најголема благодарност до сите членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а особено на постарите членови на Буџинкан Македонија, кои со своето неуморно залагање овозможија повторно да уживаме во зачудувачкото патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции (Корју Буџутсу).

Во годинава што следи (2020-та) имаме големи планови и најави за многу настани кои допрва треба да се случат, а ние ветуваме дека повторно ќе дадеме се од себе за да го задржиме високиот стандард кој го поставивме не само во регионов, туку и во светски рамки. Сигурни сме дека и понатаму во најдобро светло ќе ја претставуваме нашата татковина – Република Македонија каде и да се појавиме.

„Пат кон Сонцето“—>Еден живот – едно Доџо.
„Буџинкан Македонија“—> Мој живот – моја приказна.
„Даито рју Македонија“—>Митот на јапонските самураи.
„Катори Шинто рју Македонија“—> Легенда која допрва ќе се дознае.

Буфу Иккан!!!

Шикен 2019 - декемвриско тестирање во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Во понеделникот во скопското доџо на „Пат кон Сонцето“ се одржа годишното тестирање на членовите на Буџинкан Македонија.

За 10 кју, успешно положи кандидатот Иван Христов, додека за 9 кју (обоен појас и мон) успешно положија Марија Салтиров, Владо Мартиноски, Љубомир Павловски, Марина Јованова, Јана Димитриевска и Никола Атанасоски. Со осми степен се здобија Благоја Неделковски и Елиза Салџиева, додека со седми (кохаи) – Ангела Темкова, Борис Аговски, Матеј Спировски и Марко Поповиќ. Со шести кју се закитија Дамјан Серафимовски и Неда Стојановиќ, додека со петти – Ведран Чичов, со што неговото име ќе биде закачено на нафуда каке-то во нашето Хомбу. Ксенија Довезенска и Константин Анастасијевиќ успешно положија за 4 кју, а Благица Божиновска за први кју со што стана првата жена во Буџинкан Македонија која се здобила со правото да носи кафеав појас.

Три дена претходно, беа тестирани и најмалите членови од групата Нинџа Клинци, на кои исто така им честитаме на успешното полагање како и за повисоките звања.

Одржан детскиот турнир во гаѓање со Фукија - Total Fukiya Challenge

Posted on Categories Почетна

Нинџа Клинците на Буџинкан Македонија имаа можност да ги испробаат своите вештини во гаѓање со Фукија (цевка за издувување стрелки) на детскиот турнир – Total Fukiya Challenge.

Натпреварот со одржа во неделата, а на истиот учество земаа 11 дечиња од доџото. При тоа, најдобри резултати постигна Неда Стојановиќ, додека второ и трето место земаа Виктор Марковски и Марко Поповиќ.

Да напоменеме уште и дека во саботата беше одржана и обука за гаѓање со фукија, при што инструкторот Игор Довезенски ги подучуваше дечињата околу употребата на ова старо јапонско орудие.

Одржан Танто Џутсу / Муто Дори семинар

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо на Буџинкан Македонија во саботата се одржа семинар за борба со нож (Танто Џутсу), како и голорака одбрана од истото оружје (Муто Дори).

Како и секогаш кога станува збор за техники со танто, семинарот беше возбудлив и динамичен, а учесниците имаа можност да научат нови техники, но и да ги повторат веќе научените.

Следниот семинар на Буџинкан Македонија веќе е закажан за во недела, на тема Кусари Фундо (борба со ланец отежнат со тегчиња).

Работилница за деца со аутистичен спектар на нарушување и пречки во развојот

Posted on Categories Почетна

Во неделата, во скопското Доџо на Буџинкан Македонија се одржа хуманитарна Работилница за деца со аутистичен спектар на нарушување и пречки во развојот. На истата присуствуваа десетина дечиња кои имаа можност да го вежбаат системот Шиноби Таисо, со цел да ги подобрат вештините на локомоторниот апарат.

На бесплатната Работилница учество земаа и нашите пријатели – дефектолозите од Здружението за рана стимулација, развој и игра кај деца „Креатива Исток“, како и професионалците од „Логотека Пеперутка“. Сите заедно здружени со една цел – да се олесни животот на дечињата кои имаат разни пречки во својот развој.

По завршувањето на настанот, на дечињата им беа доделени дипломи и беџеви за учество кои предизвикаа голема насмевка на нивните лица.

Доџото за изучување на јапонски класични Нинџа и Самурајски вештини „Буџинкан Македонија“ е познато по својата хуманитарна работа, а инструкторот Игор Довезенски, заедно со своите ученици, отсекогаш помагале и се залагале за општество еднакво за сите кои живеат во Република Македонија.

Одржан шестиот “Детски Нинџа Маратон“

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо на Буџинкан Македонија, во саботата се одржа шестиот по ред “Детски Нинџа Маратон“. На настанот учествуваа 15-тина дечиња од двете групи кои уживаа во разните активности кои секогаш се неизоставен дел од овој семинар.

Покрај редовниот тренинг на кој што се изучуваат разни техники, најмладите членови на Буџинкан Македонија ги зголемија своите моторички вештини преку таканаречената „Нинџа Гимнастика“ со пречки, а на крајот сите уживаа во проекцијата на еден од филмовите со легендарниот глумец Џеки Чен.

Се гледаме на следниот „Детски Нинџа Маратон“.